Table of Contents
Од елегантни вечерни тоалети и впечатливи силуети до смели модни избори – гостите на „Bye Bye Summer“ покажаа дека крајот на летото може да биде и совршена модна завршница. Летото си замина, но стилот остана.
На зајдисонце, кога небото над Вила Ина се обои во топли нијанси, почна гламурозната приказна на „Bye Bye Summer“ – ексклузивен настан во организација на Колор медиа плус, издавачот на влијателниот магазин за животен стил „Убавина и здравје“. Она што почна како елегантно летно дружење, со првите вечерни зраци прерасна во вистинска модна сцена, на која гостите ги покажаа своите највпечатливи изданија.
На едно место се собраа голем број инфлуенсери, познати личности, претставници на реномирани медиуми и на бизнис-фелата, а секое пристигнување носеше нова стилска приказна.
И токму модата беше еден од највпечатливите сегменти на вечерта.
Од изборот на материјали и кроеви, преку внимателно одбраните детали, па сè до накитот, обувките и чантите – гостите покажаа дека летниот гламур не мора да значи само светки и раскош. Напротив, најсилните комбинации беа оние во кои личниот стил дојде до израз.
Од летна елеганција до вечерен гламур
„Bye Bye Summer“ беше совршен повод за модна трансформација – од лесните летни комбинации кон пософистицирани вечерни силуети.
Доминираа женствени кроеви, нагласени силуети, елегантни фустани и внимателно стилизирани комбинации, во кои секој детаљ имаше своја улога. Некои од гостите се одлучија за минималистичка елеганција, оставајќи го кројот да зборува сам за себе, додека други избраа впечатливи парчиња кои веднаш го привлекуваа вниманието.
Особено впечатливи беа вечерните тоалети во кои класичната елеганција доби современ печат. Долги силуети, асиметрични линии, нагласени рамена, голи грбови и суптилни, но ефектни детали се појавуваа во различни варијации, потврдувајќи дека гламурот има повеќе лица.
Боите, исто така, одиграа значајна улога. Покрај безвременските неутрални тонови, црната и белата, имаше и смели нијанси кои внесоа дополнителна динамика во вечерниот визуелен мозаик.
Личниот стил како најдобар моден потпис
Она што ја направи модната слика од „Bye Bye Summer“ особено интересна беше фактот што гостите не изгледаа како да следат една иста формула. Напротив – секој пристапи кон вечерниот дрескод од своја перспектива.
Некои ја избраа ненаметливата, „old money“ елеганција, други се определија за модни парчиња со посилен карактер, а имаше и комбинации кои балансираа меѓу гламурот и опуштениот летен дух. Токму таа разновидност ја претвори Вила Ина во своевидна модна писта под отворено небо.
Поврзани објави
Посебно внимание привлекоа и аксесоарите. Ефектните обетки, впечатливите чанти, внимателно избраните обувки и дискретниот накит покажаа дека комплетниот изглед не завршува со фустанот. Напротив, токму деталите често ја прават разликата меѓу добра комбинација и целосно заокружен стајлинг.
Фустаните ја следеа атмосферата на зајдисонцето
И самиот амбиент на настанот влијаеше врз модната атмосфера.
Вила Ина, зајдисонцето и топлата светлина создадоа природна сценографија во која летните материјали, женствените силуети и вечерниот гламур изгледаа уште повпечатливо. Гостите уживаа до доцните вечерни часови, а фотоапаратите имаа полни раце работа.
„Bye Bye Summer“ така не беше само испраќање на уште една летна сезона. Беше и мала ревија на личниот стил, на која секој гостин пристигна со своја визија за совршеното вечерно издание.
А кога на едно место ќе се соберат луѓе од светот на медиумите, модата, инфлуенсерската сцена и бизнисот, неизбежно е вниманието да биде насочено и кон тоа што се носи.
Оваа вечер одговорот беше јасен: летниот гламур може да биде и елегантен, и модерен, и смел – сè додека го носи најважниот моден потпис: личниот стил.
Погледнете ја галеријата и откријте кои гости со своите тоалети и стајлинзи ја одбележаа модната страна на „Bye Bye Summer“.
Текст: Бојана Стојменовиќ