Наместо старечки дом, Беки ѝ изградила куќичка во дворот на баба ѝ Патрисија
Кога дошло време да размислува за тоа каде нејзината 95-годишна баба ќе ги помине наредните години, Беки Керд не сакала да ја испрати во дом за стари. Таа сакала да ѝ овозможи да остане близу до семејството, во познато опкружување, опкружена со нештата што ги сака.
Затоа, 28-годишната Беки ѝ изградила куќичка во дворот на својата баба, која чинела околу 70.000 фунти.
Кога Беки го основала своето семејство, Патрисија живеела сама во куќа со три спални соби. По смртта на сопругот Питер пред 37 години, сама се грижела за себе и за куќата. Но со текот на годините, чистењето и одржувањето на домот ѝ станувало сè потешко.
За среќа, семејството на Беки има голем двор, па одлуката била брзо донесена.
„Тоа беше идеја на татко ми. Баба ми се воодушеви од таа замисла“, се присетила Беки.
Нејзиниот нов дом има спална соба, бања, мала кујна и дневна соба. Најважно е што се наоѓа на само 18 метри од семејната куќа.
Па така, Беки ја посетува баба ѝ неколку пати дневно – на шолја чај, разговор и, секако, на задолжителна чаша бренди со нешто слатко. Кому му треба дом за стари кога има ваков двор?
Поврзани објави
„Мислам дека поради ова станавме уште поблиски. Најмногу ги сакам тие мали секојдневни моменти – кога ѝ носам појадок, кога седиме заедно на пијалак или кога ги слушам нејзините смешни приказни“, открила Беки.
@thebcdiaries ANNEXE TOUR🏡❤️ #foruyou #for #wholesome #grannyannexe ♬ Coffee & Vinyl – Emi Izumi
Со текот на времето ѝ се намалиле способностите
Патрисија на почетокот била речиси комплетно самостојна. Како што ѝ се намалила подвижноста, семејството почнало сè повеќе да ѝ помага.
Наутро, Беки или нејзината мајка ја облекуваат, таткото Крис (70) ѝ носи ручек, а навечер, некој од членовите на семејството ѝ помага да се подготви за спиење. Потоа, на ред се традиционалната чаша бренди и нешто слатко.
„Единствената друга опција беше дом за стари, но баба секогаш го одбиваше тоа. Постојано ми вели дека кога ќе дојде време, ќе ја преземам нејзината куќичка. Но вели дека прво морам да почекам да ѝ дојде редот“, раскажала Беки низ насмевка.
„Ако сте во слична ситуација и имате доволно простор, направете го тоа“, ги советувала луѓето кои се грижат за иднината на своите баба и дедо.
ФОТО: ТикТок