Европска комисија денеска предложи да почнат преговори за соработка помеѓу Агенцијата на Европска Унија за соработка во областа на кривичната правдаа (Eurojust) и осум земји кои не се членки на ЕУ.
– Предлогот има за цел да им помогне на судовите и обвинителите во борбата против сериозниот организиран криминал, вклучувајќи ја трговијата со дрога, киберкриминалот и перењето пари, се наведува во соопштението на ЕК.
ЕК предлага договори со Боливија, Канада, Чиле, Костарика, Еквадор, Панама, Перу и Обединетите Арапски Емирати.
ЕК потенцира дека „Евроџаст“ и очекуваните нови партнери ќе можат да разменуваат оперативни информации, да поддржуваат заеднички истраги со земјите од ЕУ и да ја зајакнуваат секојдневната соработка меѓу судските власти.
„Евроџаст“ има договори со 16 земји – Албанија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грузија, Ерменија, Исланд, Либан, Лихтенштајн, Молдавија, Норвешка, САД, Северна Македонија, Србија, Украина, Црна Гора и Швајцарија.
ЕК е овластена од Советот на ЕУ да преговара за договори за соработка со 10 други земји – Алжир, Аргентина, Бразил, Египет, Израел, Јордан, Колумбија, Мароко, Тунис и Турција.
Извор: МИА