Странските државјани кои со своите возила ќе направат сообраќаен прекршок во Македонија отсега ќе можат електронски да проверат дали имаат изречена казна и да ја подмират без да чекаат на граничен премин.
Министерството за внатрешни работи ја пушти во употреба новата веб-апликација, прилагодена и за користење преку мобилни телефони, која е наменета за сопствениците и возачите на автомобили со странски регистарски таблички.
Преку платформата корисниците можат да добијат информации за прекршоците регистрирани преку системот „Безбеден град“, да ги прегледаат издадените прекршочни платни налози и директно онлајн да ги платат утврдените глоби.
Пристапот до услугата се овозможува со скенирање или фотографирање на патната исправа, по што треба да се внесе и регистарската ознака на возилото со кое се управува во земјава. Доколку корисникот користи повеќе возила, може да ги внесе и нивните регистарски таблички.
Од МВР објаснуваат дека со новата функционалност странските возачи ќе имаат можност навреме да дознаат за евентуалните прекршоци и да ги регулираат обврските по електронски пат.
Целта е да се избегнат дополнителни задржувања при излез од земјата, особено на фреквентните гранични премини, каде неплатените сообраќајни казни можат да создадат дополнителни процедури.
Новата услуга е дел од процесот на дигитализација на системот „Безбеден град“. Од Министерството најавуваат дека во наредниот период платформата ќе се надградува со дополнителни можности и услуги за различни категории корисници.