Администрацијата на американскиот претседател денеска открива детали околу претстојното патување на претседателот Доналд Трамп во Кина, каде што е предвидена средба со неговиот колега Си Џинпинг.
Претседателот Трамп ќе пристигне во Пекинг во среда навечер. Свечената церемонија на добредојде е предвидена за четврток, а во вечерните часови истиот ден ќе биде организирана државна вечера во чест на американскиот гостин.
Пред заминувањето на Трамп во петок, ќе се одржи официјален ручек. Претседателите Доналд Трамп и Си Џинпинг ќе одржат средби на 14 и 15 мај.
На дневен ред се дискусии за основање заеднички советодавен орган за трговија и инвестиции, како и за авијациската индустрија, земјоделството и енергетскиот сектор.
Според информациите од висок американски функционер, Трамп и Џинпинг најверојатно ќе разговараат и за поддршката што Кина ја дава на Иран и Русија.
Истиот извор наведува дека Вашингтон изразува загриженост и во однос на безбедноста на вештачката интелигенција, тема за која претседателите на САД и Кина би можеле да разменат мислења. Воедно, можно е да се дискутира и за продолжување на актуелниот договор за ретки метали помеѓу двете држави.
Портпаролот на Белата куќа потврди дека Трамп планира да упати покана до Си Џинпинг за возвратно присуство во САД подоцна тековната година.
Извор: МИА