Во Собранието денес се одржа промоција на два истражувачки труда посветени на јавното мислење за пристапувањето на државата во Европската Унија: „Анализа на јавното мислење за пристапување во Европската Унија (2014 – 2025)“ и „Нови глобални неизвесности, стари европски обврски: Јавното мислење за пристапување во ЕУ во 2025“.
Настанот го отвори Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, кој изрази благодарност за големото присуство и нагласи дека темата за евроинтеграциите останува актуелна и значајна за Собранието. Потоа свои обраќања имаа Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија и Даниел Браун, директор на Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје.
Следеше осврт на истражувачките трудови и презентирање на резултатите од спроведеното истражување на јавното мислење, кој го изнесе проф. д-р Иван Дамјановски.
Истражувањата ја посочуваат перцепцијата на граѓаните за процесот на пристапување во ЕУ од внатрешна перспектива, ставовите за уставните измени и реформите, како и подготвеноста на ЕУ за проширување. Исто така, се оценуваат јавните перцепции за надворешното економско влијание и доверливите партнери.
Промоцијата ја истакна важноста на следењето на јавното мислење и ја потенцира соработката меѓу националните и меѓународните институции во процесот на евроинтеграциите, како и значењето на демократските вредности и евроинтеграциските политики.
На настанот присуствуваа и Михаил Рокас, амбасадор на Европската Унија и Венко Филипче, претседател на Националниот совет за евроинтеграции. Завршното обраќање го имаше Петра Дрекслер, амбасадорка на Германија, која истакна дека пратениците значително придонесуваат кон оформување на перцепциите, а како партнери остануваат на поддршка на визијата Западен Балкан да биде интегриран во големото европско семејство.