Будимпешта, 25 јануари 2026 година – Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска упати порака до украинскиот претседател Володимир Зеленски, истакнувајќи дека Унгарија нема да биде под притисок.
„Унгарија нема да биде заплашена. Претседателите доаѓаат и си одат, личните навреди можат да се случат, но достоинството на Унгарија е нешто за кое не може да се преговара. Претседателот на Украина Зеленски треба да го запомни тоа“, порача Орбан преку објава на платформата X.
Оваа изјава следи по критиките на Орбан упатени кон Зеленски за неговиот говор на Светскиот економски форум во Давос. Според информации од Будимпешта, Зеленски „повторно ја нападнал унгарската Влада и него лично“.
Орбан го цитираше Зеленски, кој на форумот истакнал дека поддршката испратена до Украина е недоволна, како и дека испораката на оружје и решителноста на Европа се недоволни. „Не мораше долго да чекаме на одговорот од Брисел. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, презентираше патоказ за развој на Украина. Во него, Брисел го прифати секое украинско барање – 800 милијарди долари за Украина, забрзан пристап кон ЕУ до 2027 година и понатамошна поддршка до 2040 година“, рече Орбан.
Според унгарскиот премиер, Зеленски „сè погрешил“, но Брисел е „подготвен да плати“. „И ќе кажеме неколку зборови за тоа. Доаѓа национална петиција, со која можеме да испратиме јасна порака до Брисел: нема да платиме“, заклучи Орбан.