Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, имаше работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Нивес Тигањ. На состанокот беа анализирани актуелните состојби и идните можности за унапредување на економската соработка меѓу двете пријателски држави, информираше Министерството.
На средбата беше констатирано дека одличните политички релации и традиционално цврстите билатерални врски претставуваат силна основа за дополнително зајакнување на економската и бизнис соработката, особено во светло на европските интеграции и регионалната поврзаност.
Министерот Дурмиши ги истакна позитивните трендови во надворешно-трговската размена, при што вкупната трговија меѓу двете земји покажува постојан пораст, а извозот од Република Северна Македонија кон Хрватска во последните години забележува значаен раст.
Двајцата соговорници се согласија дека постои значителен потенцијал за продлабочување на соработката во клучни сектори како што се прехранбената индустрија, енергетиката, фармацевтската индустрија, градежништвото, индустриското производство и туризмот, се наведува во соопштението од Министерството за економија и труд.
Посебен акцент беше ставен на странските директни инвестиции, при што беше нагласен растечкиот тренд на хрватски инвестиции во Северна Македонија, особено во секторот на услуги, преработувачката индустрија и ИТ-секторот.
Министерот истакна дека Владата останува посветена на создавање поволна деловна клима и нудење дополнителни стимулации за привлекување нови инвестиции и креирање квалитетни работни места.
Двајцата соговорници ја потврдија заедничката подготвеност за понатамошно зацврстување на економската дипломатија, организирање бизнис форуми и поддршка на директната соработка меѓу стопанските комори и компаниите од Северна Македонија и Хрватска, со цел целосно искористување на економските потенцијали во интерес на граѓаните на двете земји.
сст/дма/Фото: Министерство за економија и труд
Извор: МИА