Македонските превозници и професионални возачи сè погласно реагираат на најавената примена на новите дигитални правила на Европската унија, кои се поврзани со контролата на влез и излез од Шенген-зоната. Според нив, новиот електронски систем може сериозно да ја загрози работата на транспортниот сектор и да создаде дополнителни бариери за економската размена со земјите членки на ЕУ.
Во фокусот на проблемот е воведувањето на Entry/Exit System (EES) – дигитален систем кој ќе ги евидентира сите влезови и излези на државјани од земји што не се членки на ЕУ при премин на шенгенските граници. Наместо класични печати во пасошите, податоците ќе се внесуваат електронски, со прецизно броење на деновите поминати во Шенген-зоната.
Превозниците предупредуваат дека овој систем не прави јасна разлика меѓу туристи и професионални возачи, кои поради природата на работата често ја преминуваат границата – понекогаш и неколку пати неделно. Тие стравуваат дека автоматското броење на денови може да доведе до ситуации во кои возачи ќе бидат спречени да влезат во Шенген, иако реално не престојуваат таму, туку се само во транзит или на кратки службени релации.
„Ова не е административен проблем, туку закана за цела една индустрија“, порачуваат од здруженијата на превозници. Според нив, доколку не се најде решение или изземање за професионалните возачи, може да дојде до застои на границите, раскинување договори, зголемени трошоци и намалена конкурентност на македонските компании на европскиот пазар.
Слични реакции доаѓаат и од транспортните здруженија во регионот, кои најавуваат заеднички настап и можни протести доколку правилата почнат да се применуваат без прилагодување. Како крајна мерка, се споменува и блокада на гранични премини со земјите од Шенген-зоната.
Македонската влада застанува на страната на превозниците, оценувајќи дека транспортот е клучен сектор за економијата и дека новите правила, во сегашната форма, може да нанесат сериозна штета. Од официјален Скопје се упатени апели до институциите на ЕУ да се разгледа можноста за посебен режим или исклучок за професионалните возачи, кои не престојуваат во Шенген од лични, туку од работни причини.
Од Брисел, пак, порачуваат дека EES е технички систем чија цел е подобра контрола на границите и дека не воведува нови правила за престој, туку само ги дигитализира постојните. Сепак, за превозниците ова објаснување не ја намалува загриженоста, бидејќи практичната примена може да создаде сериозни проблеми на терен.
Прашањето околу новите дигитални правила станува уште еден тест за односите меѓу земјите од Западен Балкан и Европската унија. Дали ќе се најде компромис што ќе ја заштити безбедноста на границите, а истовремено нема да го загрози транспортниот сектор, останува да се види во периодот што следи.