Дирекцијата за јавни приходи (ДЈП) информира дека континуирано соработува со релевантните институции во сите случаи кога постои сомнеж за нелегални дејствија во даночната сфера. Тие потцртуваат дека во врска со актуелниот случај што се однесува на 11 лица, ДЈП е во постојана и целосна комуникација со обвинителството, при што обезбедила и предала комплетна документација, материјали и стручни објаснувања поврзани со даночната законска регулатива и процедури.
Професионалните анализи и констатациите добиени од извршените контроли, како што се наведува во официјалното соопштение од ДЈП, претставуваат основа за дејствување на другите надлежни органи.
„Дирекцијата за јавни приходи јасно истакнува дека нема компромис кога станува збор за нелегални активности, злоупотреби или корупција. Овие појави се неприфатливи и целосно спротивни на професионалните и етичките начела на институцијата.“
Истовремено, ДЈП смета дека во сите процеси мора доследно да се почитува принципот на презумција на невиност, како основна гаранција во правниот систем, информираат од ДЈП.
Во меѓувреме, додека трае постапката, од ДЈП истакнуваат дека се преземени навремени и соодветни мерки за обезбедување непречено функционирање на институцијата и стабилност на работните процеси во засегнатата организациска единица. Со овие активности се овозможува континуитет во работењето, заштита на јавниот интерес и зачувување на институционалниот интегритет.
Дирекцијата за јавни приходи останува посветена на владеењето на правото, одговорното и професионалното постапување и на заштитата на јавниот интерес. ДЈП продолжува да соработува со сите надлежни тела со цел утврдување на одговорност таму каде што постои, но и зачувување на угледот, довербата и интегритетот на институцијата и нејзините вработени, стои во соопштението од ДЈП.