Почетна ЕкономијаМуцунски: Одлуката на САД за визниот режим се однесува исклучиво на иселенички визи, не и на други категории

Муцунски: Одлуката на САД за визниот режим се однесува исклучиво на иселенички визи, не и на други категории

од nenad
2 минути читај за

Соединетите Американски Држави го суспендираа процесот за издавање имигрантски визи, но тоа не ги зафаќа другите категории на визи, како што се оние за студенти, бизнисмени или туристи, денеска објасни министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

По средбата со раководството на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, одговарајќи на новинарски прашања во однос на одлуката на Стејт департментот за привремено запирање на издавањето имигрантски визи за 75 земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија, тој потенцира дека се работи за привремен прекин само за процесите поврзани со имигрантските визи.

– Не е во прашање прекин или „црна листа“, туку привремена суспензија на постапките за имигрантски визи. Ова не влијае врз сите други процеси за издавање визи за САД. Доколку сте бизнисмен кој сака да отпатува во САД, можете слободно да аплицирате за виза, истакна Муцунски, нагласувајќи дека истото важи и за студенти, туристи и други категории.

Тој посочи дека се во постојана комуникација со Амбасадата на САД во Скопје, како и дека македонската Амбасада во Вашингтон одржува комуникација со американскиот Стејт департмент. Според добиените информации, најмал број апликации од македонски државјани се за овој тип визи, а најчесто се работи за граѓани од постарата возрасна група.

Приоритет на нашата држава во однос на визната политика со други земји, потенцира Муцунски, „не се имигрантските визи, туку визите насочени кон развојот на државата. А развојот на државата подразбира подобра визна политика за бизнисмени, научници, студенти, за сите наши граѓани, и во овој сегмент нема никаква промена во визната политика“.

– Перцепциски, ова ме потсетува на целата приказна со тарифите. Кога беа објавени податоците за тарифите, слушав критики дека сме вброени меѓу земјите со највисоки тарифи. Меѓутоа, откако успеавме да ги договориме најниските тарифи за индустриите кои се значајни за нас, и кога успеавме да ги заштитиме работните места во компаниите, истите тие критичари никаде не ги слушнав, изјави Муцунски.

Според него, во претстојниот период се очекува решавање на долгогодишни прашања.

– Дајте малку време на нашата комуникација и на фактот дека имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер. Она што можам да го кажам е дека во следниот период, можеби во наредните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите од случувањата во развојот на визната политика на САД кон нашата држава. Односно, да почнеме да ги решаваме прашањата коишто 20 години се обидувавме да ги затвориме, рече Муцунски.

Тој повтори дека приоритети за земјава се бизнисот, науката, туризмот и студентите, а одлуката на САД за визниот режим не влијае врз нив.

– Ова влијае исклучиво на имигрантските визи, коишто се во најмал обем во однос на апликациите од нашата држава за визи кон САД. Ние со САД имаме таков однос што сите прашања од ваков тип ги решаваме, а тоа го видовте особено во делот на тарифите, каде што имаме меѓу најдобрите тарифни стапки, не само во Европа, туку и пошироко. Очекуваме по нашите дискусии во наредниот период да добиеме уште подобри услови, нагласи Муцунски.

с.с./с.а./Фото: МИА
Извор: МИА