Почетна ЕкономијаРекорден број на странски туристи, над 12 милиони, ја посетиле Албанија лани

Рекорден број на странски туристи, над 12 милиони, ја посетиле Албанија лани

од nenad
1 минути читај за

Албанија минатата година достигна впечатлив број, надминувајќи 12 милиони меѓународни гости.

Министерот за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџја, објавувајќи ги овие податоци, истакна дека ова достигнување ја потврдува „консолидацијата на земјата како туристичка дестинација преку целата година”.

„Интересот за посета на нашата земја постои и надвор од летниот период. Со разновидни понуди во областа на културниот, природниот, кулинарскиот, спортскиот туризам и пошироко, земјата ја зацврстува својата позиција на меѓународната туристичка карта“, напиша тој на Фејсбук.

Според него, Албанија претставува целогодишна туристичка дестинација, нудејќи атракции од секаков вид.

„На југот, живописните плажи со кристално чиста вода привлекуваат најголем број посетители, додека на северот многу туристи се насочуваат кон планинските предели како Тет и Валбона. Градови како Ѓирокастро, Берат, Бутринти, Круја, Тирана, Скадар и други, се популарни локации во секое годишно време за истражување на историскиот и културниот аспект“, наведува Гонџја.

Тој додаде дека музеите и националните паркови исто така привлекоа стотици илјади туристи во текот на 2025 година. Со рекордниот број на посетители, преку објава на Фејсбук, се пофали и премиерот Еди Рама.

„Албанија руши рекорди, надминувајќи 12 милиони посетители со странски пасоши во текот на 2025 година“, напиша Рама.

Во текот на 2024 година, земјата била посетена од над 11,7 милиони странски туристи, што претставува зголемување од 15,2 отсто во споредба со 2023 година.

вт/зш/Фото: Фејсбук профил на Гонџја.