Почетна ЕкономијаВладата на Грција ги објави мерките за поддршка на земјоделците – од 27 барања, седум не може да се исполнат

Владата на Грција ги објави мерките за поддршка на земјоделците – од 27 барања, седум не може да се исполнат

од nenad
2 минути читај за

Намалување на трошоците за електрична енергија на 8,5 евроценти по киловатчас до 2028 година, рефундирање на посебниот данок на потрошувачка на нафта, како и 100% покриеност на обесштетувањето во случај на природни катастрофи и воведување специјален бар-код за утврдување на потеклото на производите, се дел од предложените мерки кои денеска ги презентираа заменик-премиерот на Грција и релевантните министри во грчката Влада, со цел да им се пружи поддршка на земјоделците.

Заменик-премиерот Костис Хаѕидакис истакна дека од вкупно 27 барања поднесени од страна на земјоделците, 16 се исполнети или се третираат со позитивен исход, додека четири се во фаза на разгледување. Тој исто така додаде дека седум барања се надвор од буџетската или европската рамка, нагласувајќи дека Владата е секогаш отворена за конструктивен дијалог со земјоделската фела.

Паралелно, беше потенцирано дека во 2025 година за земјоделците биле исплатени 3,82 милијарди евра, што претставува зголемување од 13% во споредба со претходната година.

Висината на цената на електричната енергија претставува едно од клучните барања на земјоделците, кои инсистираат на цена од 7 евроценти по киловатчас. Владата денеска предложи цена од 8,5 евроценти, што е пониско од претходно објавената најава од 9,3 евроценти за киловатчас.

Во врска со враќањето на средствата од посебниот данок на потрошувачка на нафта, согласно презентираните информации, земјоделците во суштина нема да го плаќаат овој данок. Тие директно ќе ја плаќаат цената на горивото наменета за нив, преку специјализирана апликација на бензинските пумпи.

За да се спречи продажбата на увезени производи како грчки, што исто така беше едно од барањата на земјоделците, министерот за дигитална трансформација на Грција, Димитрис Папастергиу, објави воведување на национален систем за следење на производите, „од полето до полиците во продавниците“. Ова ќе значи дека секој производ ќе има уникатен бар-код кој ќе ја покажува неговата земја на потекло, што досега не било случај.

Заменик-премиерот на Грција ги повика земјоделците „да гледаат на чашата како полуполна, наместо полупразна“.

Се очекува земјоделците да одржат состаноци попладнево, на кои ќе ги анализираат предложените мерки од страна на Владата и ќе донесат одлука за евентуално продолжување на најавената 48-часовна блокада на патиштата низ цела Грција, планирана за утре и задутре.

Според известувањата на грчките медиуми, доколку земјоделците не ги прекинат протестите и блокадите, Владата е подготвена да активира „План Б“, кој вклучува воведување на казни за лицата кои продолжуваат со блокирање на сообраќајниците.