Table of Contents
Ви предлагаме меанџиски рецепт за подварок
Подварокот е едно од оние јадења што се приготвуваат едноставно, но бараат трпение, бидејќи вистинската магија лежи во долгото крчкање и спојот на кисела зелка, масно месо и зачини. Меанџискиот подварок е полн со вкусови и уште подобар е кога ќе преноќи – токму онаков каков што порано се служел, со леб, кисело млеко и чашка ракија.
Состојки:
- 1,5 кг кисела зелка (сечкана на ленти)
- 700 г свинско месо (врат, ребро или плешка – најдобро мешано)
- 150-200 г сланина
- 2 поголеми главици кромид
- 3-4 чешниња лук
- 2 лажици маст (или свинска маст + малку масло)
- 1 лажица црвен пипер
- 1 лажиче толчена лута пиперка (по вкус)
- 1 лажиче бибер
- 1-2 лаврови листа
- сол (внимавајте со количината, зелката е солена)
- по потреба малку вода или расол
Приготвување:
Ако е многу кисела, измијте ја зелката малку. Немојте да ја цедите целосно, треба да остане сочна.
Месото исечкајте го на покрупни коцки, а сланината на поситни парчиња.
Поврзани објави
Во големо, длабоко тенџере или во земјен лонец, загрејте маст. Додајте сланина да пушти малку маснотии, а потоа и ситно сечкан кромид и динстајте додека стане стаклест.
Додајте го месото, засилете ја температурата и кратко пропржете. Додајте лук, црвен и толчен пипер и брзо промешајте. Додајте зелка, лавор и бибер. Сето тоа добро измешајте го.
Сипете малку вода или расол (за да не загори), поклопете и гответе на тивок оган околу 2 часа, со повремено мешање.
Пред крајот, извадете го капакот и оставете го подварокот малку да се запече и згусне. Можете и да го префрлите во плех и да го потпечете во рерна 20-20 минути на 200 степени.
Меанџиски совети:
- Подварокот најдобар е утредента, кога ќе отстои.
- Колку помасно е месото толку подобар ќе излезе подварокот.
- Совршено оди со домашен леб, кисело млеко и чашка ракија.
- Може да додадете и димен колбас за поинтензивен вкус.
ФОТО: Принтскрин Јутјуб