На Дигиталниот самит на Западен Балкан, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ја претстави новата национална супер апликација m.Uslugi, нарекувајќи ја „револуција на умот и делувањето“.
Супер апликација подразбира дека платформата ќе ги обедини сите сервиси кои државата ги нуди на жителите, со опција за зачувување на електронски документи, најчесто користени услуги, алармирање за истек на рокови и електронско поштенско сандаче.
„Ова е една апликација што ја носи државата на дланка – една апликација за сите важни документи, една апликација за сѐ. m.Uslugi е новата и единствена супер-апликација, едноставна за симнување, прелистување, зачленување и користење,” изјави Андоновски. Платформата m.Uslugi им дава можност на граѓаните да ги имаат своите најзначајни документи, меѓу кои и личната карта, директно на својот мобилен телефон, со комплетна сигурност и контрола над личните информации.
Преку ултра безбеден QR код се овозможува размена на информации без опасност, со употреба на енкрипција со највисоки безбедносни стандарди.
Во почетната фаза, апликацијата нуди две од најбараните јавни услуги, според потребите на граѓаните. Како што нагласи министерот, ова е само старт. „Секоја нова верзија ќе носи нови услуги и нови изненадувања за вас,” додаде Андоновски.
Премиерот Христијан Мицкоски, во своето излагање на самитот, ја потенцираше значајноста на апликацијата m.Uslugi за иднината на дигиталната трансформација на земјава и додаде дека „е почеток на дигитална револуција што ќе ја промени државата од корен“. „Со гордост ја претставуваме апликацијата m. Uslugi. Таа е симбол на новата ера – сите документи во еден дигитален паричник, безбедна размена на податоци, потсетник за рокови и обврски, целосна транспарентност и доверба,” рече Мицкоски и упати посебна благодарност до министерот Андоновски и неговиот тим за, како што рече, „жестоката и напорна работа“ во реализацијата на оваа иницијатива.
Со оваа апликација, Македонија прави голем чекор кон дигитална трансформација, овозможувајќи модерен, делотворен и безбеден пристап до јавните сервиси за секој граѓанин.
Според информациите од Министерството за дигитална трансформација, апликацијата е во тест фаза наменета за тестирање со реални податоци. Секој заинтересиран тестер, корисник, програмер може да ја симне на начин опишан во приложениот документ со QR код и инструкции за инсталирање на апликацијата. По добивањето на мислења од корисниците, финалната прва верзија од апликацијата ќе биде достапна до крајот на годината.
Затоа, ги покануваме сите заинтересирани ентузијасти да ја симнат, тестираат и дадат коментар за супер апликацијата m. Uslugi. вј/Фото: Министерство за дигитална трансформација.
Извор: МИА