Најимотната Македонка во Детроит, 92-годишната Маријан Илич, ја прими наградата „Ќерка на Македонија“ на свечена вечер во чест на 20-годишниот јубилеј на Обединетата македонска дијаспора – ОМД, што се одржа во Детроит, а на која присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.
„Ги сакам Македонците, одлично го зборувам јазикот, но често имаме комични ситуации со нашите деца бидејќи не го знаат македонскиот јазик и многу често ме прашуваат како се кажува ова, како се кажува она и јас им одговарам. Јас сум горда што сум Македонка, навистина сум горда. . . ние сме добри луѓе“, рече Илич при примањето на признанието.
Таа посочи дека има прекрасен живот и на присутните Македонци, кои по повод јубилејот на ОМД и присуството на македонската делегација предводена од претседателката Сиљановска – Давкова пристигнаа од различни делови на Америка, им порача дека треба да бидат горди. „Сите вие овде, секој еден од вас, треба да сте среќни за вашите семејства, да бидете со крената глава. Многу не знаат каде е Македонија. Мајка ми е од Буф, татко ми е од Битола, сум била кај моите баби и дедовци, таму е прекрасно“, истакна Илич, додавајќи дека нејзините деца сакаат годинава повторно да ја посетат нашата земја.
Како што пренесе дописникот на МИА, таа ја сподели приказната за нејзините родители, како се случила нивната свадба во Америка и дека од нив го научила македонскиот јазик. „На времето мајка ми требало да се венча за друг, но кога го разбрал тоа татко ми, веднаш дошол во Мичиген и успеал да ја спречи венчавката, а потоа се оженил со неа“, рече Илич.
Маријан Бајоф Илич, родена во Мичиген, САД, е македонско-американска бизнисменка, која заедно со својот сопруг Мајк Илич е основач на познатиот американски мултинационален синџир на пицерии „Литл Цезарс Пица“ со 4.000 ресторани за брза храна ширум светот.
Осврнувајќи се на бизнисот со сопругот, таа во шега рече дека единственото нешто што не им паднало на ум е да го прошират и кај нас. „Ќе треба да ја однесам екипата на мојот сопруг во Македонија за да ги донесеме Цезар пиците таму“, рече Илич. Според Блумберг, таа е една од седумте најбогати жени во светот.
Фото: Кабинет на Сиљановска – Давкова