Во тек се преговори со колегите министри од земјите низ кои минува Коридор 10 за потпишување на Спогодба за соработка за развој на коридорот во делот на патната и железничката инфраструктура, зелената транзиција и во областа на електропреносната мрежа.
„Оваа наша иницијатива веќе е прифатена од некои министри, со останатите ќе договараме во следниот период“, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, во неговото гостување на ТВ Сител.
Тој нагласи дека ова е од исклучително значење за сите држави, бидејќи Коридорот 10 овозможува значителна економска придобивка.
„Целиот проект има смисла доколку сите држави кои се на линијата на коридорот 10 инвестираат. Во моментов постои брза пруга од Атина до Солун, она што недостасува е Солун-Гевгелија-Скопје-Ниш. Белград – Будимпешта беше пуштена во функција во ноември, Будимпешта-Братислава постои, Будимпешта-Виена се работи во моментов и она што се согласивме е да потпишеме пет-партитен договор меѓу нас државите на коридор 10, не само за железницата, туку и во делот на автопат и зелена транзиција и во делот на електропреносната мрежа“, потенцираше Николоски.
Тој соопшти дека Македонија веќе е во фаза на процедури за брза пруга, а следниот чекор е потпишување на договор со државната компанија „Кросреил“ од Велика Британија.
„Го овластивме директорот на Македонски Железници Инфраструктура да потпише договорот со Кросреил. Она што е значајно е тоа што Кросреил е во целосна сопственост на Министерството за транспорт на Велика Британија. Таа е компанија која ја изгради првата целосно дигитализирана метро линија во Лондон. Тие ќе го пренесуваат своето знаење и искуство кон вработените во Македонски Железници и ќе бидат контакт точка со сите владини институции. Ова е прв чекор во нашата идеја за брза пруга. Во разговори сме со сите соодветни институции кои се поврзани за изградба и веќе следната година ќе градиме на терен“, нагласи Николоски.
Николоски, исто така, информираше дека изградбата на гасниот интерконектор е во тек и дека рокот е две години, што ќе обезбеди дополнителен извор за снабдување со гас за домашните компании.
„Во однос на интерконекторот, активно се гради од наша страна. Стигнати сме некаде над Неготино, северно од Неготино. Рокот за изградба е две години, веќе активно се работи, беше избран изведувач, македонска компанија која што работи и тоа ќе ни отвори алтернативно снабдување со гас бидејќи сега имаме само еден извор кој што оди преку Бугарија. Планираме да имаме најмалку уште три извори на гас и така ќе можеме да калкулираме со цената на гасот. Во однос за терминалот за течен гас Александропули, ние сметаме дека сите иницијативи кои се добри треба да се поддржат. Отворени сме за соработка бидејќи не сакаме државата да биде зависна од снабдување со гас и енергенси од Русија, би сакале да имаме снабдување и од други извори и региони“, заклучи Николоски.