Според соопштението на НБРСМ, на крајот на вториот квартал од 2025 година, бруто надворешниот долг изнесува 12.159 милиони евра и забележа квартално зголемување од 117 милиони евра. Бруто надворешните побарувања се зголемија за 73 милиони евра и изнесуваат 7.564 милиони евра. Поголемото кварталното зголемување на обврските во однос на побарувањата доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 44 милиони евра, така што на крајот на јуни 2025 година тој изнесува 4.595 милиони евра.
Надворешна задолженост и меѓународна инвестициска позиција на Република Северна Македонија
Негативната нето меѓународна инвестициска позиција, на крајот на јуни 2025 година, изнесува 8.983 милиони евра, или 55,1% од проектираниот БДП2 за 2025 година. Од овој износ, најголемиот дел, или 93%, се нето-обврски врз основа на директните инвестиции, од кои 71% се врз основа на сопственички капитал.
Бруто надворешен долг
На крајот на јуни од 2025 година, бруто надворешниот долг изнесува 12.159 милиони евра (или 74,5% од проектираниот БДП) и бележи квартално зголемување од 117 милиони евра (или за 1%). Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка3, бруто-долгот бележи квартално зголемување од 85 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемениот приватен долг (за 189 милиони евра), при намалени обврски на јавниот долг (за 104 милиони евра). Растот на приватниот долг се должи на зголемениот долг на приватните банки (за 98 милиони евра), на капитално поврзаните субјекти (за 83 милиони евра) и на небанкарскиот приватен сектор (за 9 милиони евра). Кварталното намалување на јавниот
надворешен долг од 104 милиони евра е резултат на намалувањето на долгот на секторот „држава“ (за 60 милиони евра), на јавните банки и јавните претпријатија (за 32 милиона евра) и на централната банка (за 11 милиони евра).
Во споредба со крајот на 2024 година, бруто надворешниот долг е понизок за 55 милиони евра, или за 0,5%. Притоа, во првата половина од 2025 година, долгот со исклучен ефект од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка е зголемен за 18 милиони евра. Остварениот раст е резултат на зголемениот приватен надворешен долг (за 208 милиони евра), при намален јавен долг (за 190 милиони евра). Кај приватниот долг, раст е забележан кај капитално поврзаните субјекти (за 149 милиони евра) и небанкарскиот приватен сектор (за 70 милиони евра), додека долгот на приватните банки бележи намалување (за 11 милиони евра). Во однос на јавниот долг, падот е резултат на намалените обврски на јавните банки и јавните претпријатија (за 102 милиона евра), на секторот „држава“ (за 74 милиони евра) и на централната банка (за 14 милиони евра).
Бруто надворешни побарувања
Бруто надворешните побарувања, на крајот на вториот квартал од 2025 година, изнесуваат 7.564 милиони евра (или 46,4% од проектираниот БДП) и забележаа квартално зголемување од 73 милиони евра (или за 1%). Доколку се исклучи ефектот од специфичните активности на централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто надворешните побарувања се зголемени за 103 милиони евра и изнесуваат 7.549 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемените приватни побарувања за 173 милиони евра и намалените јавни побарувања за 71 милион евра. Кварталниот раст на надворешните побарувања кај приватниот сектор е резултат на зголемените побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 171 милион евра) и на останатите сектори (за 27 милиони евра), при намалување на побарувањата на депозитните институции (за 24 милиони евра). Падот на јавните побарувања во целост се должи на намалените побарувања на централната банка.
Во споредба со крајот на претходната година, бруто надворешните побарувања се пониски за 111 милиони евра. Без ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто надворешните побарувања се намалени за 39 милиони евра и тоа како резултат на намалените јавни побарувања (за 397 милиони евра), при зголемени приватни побарувања (за 358 милиони евра). Растот на приватните побарувања произлегува од зголемените побарувања на капитално поврзаните субјекти (за 347 милиони евра) и останатите сектори (за 80 милиони евра), при пад на побарувањата на депозитните институции (за 70 милиони евра).
Нето надворешен долг
На 30.6.2025 година, нето надворешниот долг изнесува 4.595 милиони евра (или 28,2% од проектираниот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во вториот квартал од 2025 година, е зголемен за 44 милиони евра, или за 1%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67,1%.
Во однос на крајот на 2024 година, нето надворешниот долг е зголемен за 56 милиони евра (или 1,2%), во услови на зголемување на нето јавниот долг (за 205 милиони евра) и намалување на нето приватниот долг (за 149 милиони евра).