Недостатокот на лекови во државите членки на ЕУ забележа невидени размери во текот на 2023 и 2024 година. Според извештајот на Европскиот суд на ревизори, оваа тенденција на дефицит на есенцијални медикаменти во Европската Унија веројатно ќе продолжи и во иднина.
И покрај преземените мерки за справување со оваа ситуација, постои континуиран ризик од повремена недостапност на одредени лекови, вклучувајќи ги и често употребуваните антибиотици. Извештајот покажува дека од јануари 2022 до октомври 2024 година, државите членки се соочиле со сериозен недостиг на 136 различни лекови.
Клаус-Хајнер Лене од Европскиот суд на ревизори апелираше за наоѓање на ефикасно решение за овој горлив проблем. Тој предупреди дека ЕУ е “целосно зависна од Азија за вообичаени лекови против болки како што се парацетамол и ибупрофен.”
Ревизорите од Луксембург идентификуваа слаби синџири на снабдување како една од клучните причини за дефицитот на лекови. Дополнително, тие укажаа дека европскиот внатрешен пазар на лекови е фрагментиран, а слободната трговија е ограничена.
Европската комисија, која е одговорна за креирање на законски предлози во ЕУ, се согласува со апелот на ревизорот за посилна европска рамка. Комисијата изрази надеж дека земјите-членки и Европскиот парламент “наскоро ќе го усвојат предложениот закон за решавање на проблемот со недостигот на лекови.”
мс/фото: МИА архива
Извор: МИА