Почетна ЕкономијаГерманија го прифати буџетот за 2025 година, со планирани 140 милијарди евра ново задолжување.

Германија го прифати буџетот за 2025 година, со планирани 140 милијарди евра ново задолжување.

од nenad
2 минути читај за

Германските парламентарци денес го ратификуваа државниот финансиски план за 2025 година, со вкупни расходи кои достигнуваат 502,5 милијарди евра, вклучувајќи и значително ново задолжување, пренесува ДПА. Буџетот беше усвоен по несогласувањата околу начинот на надополнување на огромниот дефицит во трошењето што ја урна претходната влада во ноември.

Тоа значеше дека финансискиот план за 2025 година мораше да почека додека не се конституира нова влада, а конзервативната коалиција предводена од канцеларот Фридрих Мерц ја презеде власта во мај по предвремените избори во февруари. Основниот буџет содржи нето задолжување од речиси 82 милијарди евра, плус милијарди евра инвестиции за одбрана и инфраструктура, со што вкупниот нов долг достигна над 140 милијарди евра, појаснува ДПА.

Пратениците од опозициските партии ја обвинија владата дека прекумерно се потпира на кредити откако Мерц презеде мерки за ослободување на трошоците за одбрана и инфраструктура од строгите правила за долг на земјата. И покрај критиките, вистинските предизвици допрва претстојат кога ќе треба да се постигне договор за финансиските планови за идните години, при што парламентарците ќе дебатираат за буџетот за 2026 година во наредните недели. За 2027 година, германската Влада треба да пронајде начин како да го пополни дефицитот од 34 милијарди евра.

Повеќе од една третина од средствата се одвоени за социјалната држава, при што околу 190 милијарди евра се наменети за бенефиции, вклучувајќи пензии и надоместоци за невработеност. Буџетот, исто така, опфаќа и големо зголемување на трошоците за одбрана, при што вооружените сили на Германија ќе добијат околу 62 милијарди евра во 2025 година, што претставува пораст од 10 милијарди евра во однос на минатата година, бидејќи државата се стреми да ја обнови својата одбрана во светлината на заканата што доаѓа од Русија, известува германската агенција. Дополнителни 24 милијарди евра инвестиции во одбраната се предвидени да дојдат од заеми од специјален фонд, вклучително и за набавка на нова воена опрема, како што е муниција, тенкови и воени бродови. Ова е првпат годишните трошоци за одбрана на Германија да достигнат вкупно повеќе од 86 милијарди евра.

Иако расходите за транспорт се намалени за 6 милијарди евра на 38,3 милијарди евра во споредба со претходниот финансиски план, околу 35,4 милијарди евра од тоа се наменети за инвестиции, бидејќи Германија се стреми да ја обнови својата железница, која се соочува со проблеми, и да ги реновира клучните автопати и мостовите што се распаѓаат. Германскиот министер за финансии Ларс Клингбаил, кој е одговорен за плановите, го бранеше својот прв државен буџет од обвинувањата од опозицијата, која се пожали дека малку од средствата се наменети директно да стигнат до граѓаните, и покрај огромното зголемување на долгот. Со оглед на тоа што Германија се мачи да се врати на економски раст по две последователни години рецесија, Клингбаил рече дека најголемата грижа за граѓаните е задржувањето на своите работни места. Затоа за владата апсолутен приоритет е „да го врати економскиот раст во Германија, да обезбеди работни места тука и да создаде работни места на иднината“, рече Клингбаил. сд/фото: ДПА. Извор: МИА