Почетна ЕкономијаНиколоски најавува летови од Неапол, Будимпешта, Катовице, Вроцлав и Милано

Николоски најавува летови од Неапол, Будимпешта, Катовице, Вроцлав и Милано

од nenad
3 минути читај за

Со финансиска поддршка од владата се воведуваат уште пет нови воздушни линии. Од 6 април следната година, скопскиот аеродром ќе биде поврзан со Неапол и Будимпешта, а од 28 јуни охридскиот аеродром ќе нуди летови од Катовице, Вроцлав и Милано (главниот аеродром Молпенса). Ова го објавија денес вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и Јозев Варади, главниот извршен директор на „Виз Ер“.

Николоски изјави дека „Виз Ер“ ќе го зголеми бројот на патници за приближно 50 проценти од идната година и ќе понуди 3.300.000 седишта за нашата земја.

Според него, „Виз Ер“ ќе има постојана флота со шест авиони на скопскиот аеродром и ќе ги замени постојните Ербас А320 со Ербас А321 нео.

Планирано е бројот на 200-те вработени од земјава во авиокомпанијата, која е корисник на владини субвенции од 2012 година, да се зголеми за 100.

Субвенциите за новите пет воздушни линии ќе изнесуваат девет евра по патник во доаѓање на скопскиот аеродром и 12 евра по патник на охридскиот аеродром.

“Летовите од Катовице и Врслав се многу значајни за отворање на Полска којашто е многу заинтерсирана за туризмот во Македонија, а особено полските туристи се добредојдени во Охридскиот регион”, рече Николоски на прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека за еден и пол месец се објавени 11 нови воздушни линии од аеродромите во Скопје и Охрид. “Претходно беа најавени авиолинии од Стокхолм и Мадрид, што ќе стартуваат од 2 ноември, од Келн, Бари и Прага од 20 декември, како и од Ларнака од 30 октомври, за месец и половина, додаде, се вкупно 11 нови авиолинии во соработка со нашите пријатели од Виз Ер.”

“Имаме навистина убава оперативна платформа во земјата, шест летала до крајот на годината, рути од Скопје и Охрид и над 200 вработени во земјата, а сето тоа доаѓа до 3,3 милиони седишта што ќе бидат достапни во 2026 година што е голем скок во однос на 2012 година”, рече главниот извршен директор на „Виз Ер“ Варади.

Тој најави дека ќе бидат движечка сила за да донесат повеќе летала, седишта, дестинации и поголеми можности за вработувања и, нагласи, “би требало да очекувате од нас да имаме нови најави за аеродроми и дестинации.”

“Сакаме, посочи тој, да имаме надобро летало на пазарот, а вие да имате полза од сето тоа. Седиштата ќе бидат поевтини во однос на А320, а таквите заштеди ние ќе ги реинвестираме за летањето да стане подостапно за повеќе луѓе и да уживате во нашите услуги и повеќе или почесто”, наведе Варади.

Тој исто така ја истакна важноста на туризмот, кој според него бележи раст во нашата земја. “„Виз Ер“ е еден од факторите што придонесуваат за тоа. Ќе летаме од повеќе дестинации, ќе ја прошируваме мрежата, нема да има полза само за локалната заедница, туку и за туризмот и економијата на државата. Сметаме дека тука во Македонија сме дома, дека ние сме ваш национален авиопревозник и сакаме да бидеме поголем дел од општетсвото и да имаме повеќе македонски пилоти, инженери и механичари, како и персонал на авионите”, рече Варади.