Денес, во Босна и Херцеговина, автопревозниците започнаа демонстрации со блокади на сообраќајници, царински терминали и гранични премини, предизвикувајќи големи сообраќајни застои, особено во главниот град Сараево, информираа од Логистичкиот Конзорциум на БиХ.
Главниот координатор на Конзорциумот, Велибор Пеулиќ, изјави дека досега немало инциденти, но се евидентирани зголемени метежи на влезовите во градовите, каде што е нарушен синџирот на снабдување, пренесе Анадолија.
Според информациите од БИХАМК, товарните терминали во моментов се блокирани на граничните премини Изачиќ, Велика Кладуша, Каменско и Рача, додека патничкиот сообраќај, засега, се одвива без поголеми проблеми.
Најсериозна е ситуацијата во Сараево, каде што се случи комплетен сообраќаен хаос по блокадата на левата сообраќајна лента и царинските терминали, вклучувајќи го и терминалот во Рајловац.
Иако организаторите истакнаа дека протестите нема да го попречуваат патничкиот сообраќај, долгите колони камиони практично го отежнуваат нормалното движење на возилата. Пеулиќ напомена дека превозниците губат и до 14,5 часа дневно на граничните премини поради, како што тврди, неефикасноста на администрацијата. Тој потенцираше дека: “досега не се регистрирани инциденти”.
Организаторите на протестот ги повторија четирите основни барања: враќање на довербата и заштита на државјаните на БиХ кои работат како возачи во Европската Унија, поврат на акцизите, решавање на статутарните прашања на превозниците преку измени во правилниците и законите, како и подобрување на ефикасноста на граничните служби. Тие се категорични: “блокадите ќе продолжат сè додека нивните барања не бидат исполнети”.
Поради блокадите, на возачите им се советува да користат алтернативни маршрути кога е можно и да ги следат соопштенијата од надлежните институции.