Српскиот министер за финансии, Синиша Мали, соопшти дека се усвоени нови финансиски политики во полза на жителите на Србија и дека лимитирањето на профитните маржи директно ќе влијае на намалувањето на цените на производите во трговијата на мало.
Тој извести дека од 1 декември ќе следува ново покачување на пензиите. „Заедно со малопродажните синџири, ќе создадеме нешто што е добро за граѓаните на Србија, пред се, пониски цени. Ефектот ќе се очувствува од следната недела“, изјави тој, пренесоа српските медиуми.
Во неделата беше објавено дека за 23 категории на артикли, со над 3,000 производи, кои го обликуваат најголемиот дел од потрошувачката кошница, ќе биде ограничена маржата.
„Од 1 октомври оваа година ќе имаме и зголемување на минималната плата, па одиме, како што ветивме, од 457 евра минимална плата, на 500 евра од 1 октомври, значи за помалку од месец и половина. И веќе преговараме со синдикатите за дополнително зголемување на минималната плата од 1 јануари за повеќе од 10 проценти, така што од 1 јануари ќе имаме минимална плата од 550 евра“, рече Мали.
Тој напомена дека минималната плата во Србија во 2009, 2010 и 2011 година изнесувала 15,700 динари, и дека денес, според најновите податоци, просечната плата во Србија е 920 евра, и до крајот на годината ќе биде повеќе од 1,000 евра, како што им беше ветено на граѓаните.
„Од 1 декември, ќе ги зголемиме и пензиите, како што ветивме. . . Со овие економски мерки сакаме дополнително да ја зголемиме вредноста на секој динар што го добиваат граѓаните преку зголемување на платите и зголемување на пензиите“, подвлече Мали.
Тој информираше дека утре ќе има нов состанок со сите претставници на малопродажните синџири во Србија.
Тој потенцираше дека во склоп на пакетот економски мерки, очекуваното намалување на каматните стапки на станбените и потрошувачките кредити е од големо значење и потсети дека каматните стапки на потрошувачките кредити во моментов се движат од 12-13 проценти.
„Она што е договорено и предлог за овие економски мерки е да се ограничат тие каматни стапки на 7,5 проценти. Во исто време, Поштанска штедилница веќе објави дека максималниот износ на каматните стапки за потрошувачките кредити ќе биде 5,99 проценти, а каматата за станбените кредити ќе се намали за 0,5 проценти. Значи, кога земате кредит за пет, 10 или 15 години, кога ќе ги погледнете месечните заштеди што ги добивате, тоа се десетици илјади евра заштеда, а тоа е многу важно“, рече Мали.
Министерот за финансии на Србија нагласи дека државата има јасна стратегија во однос на економијата.
На прашањето дали очекува мерките да доведат до поголема потрошувачка, како тоа ќе влијае на финансиите и каков ефект ќе имаат мерките врз пазарот, првиот вицепремиер вели дека кога ќе се анализира искуството на Унгарија и Романија, земји кои примениле слични мерки, тие како резултат на тоа забележале зголемување на прометот.
зш/
Извор: МИА