Од девојче со соништа, до претставничка на Македонија на „Miss Universe“ – Теа Ѓоргиевска е доказ дека сè е возможно кога веруваш во себе. По нејзината победа на првиот официјален избор за „Мис Македонија“, Теа патуваше, снимаше, учеше, се менуваше, и пред сè – се изгради како личност. Со неа разговаравме искрено за целото искуство и за тоа зошто секоја девојка која има сон, треба да го направи првиот чекор и да се пријави
Што ти донесе титулата Мис Македонија 2024?
На кратко – ми го смени животот. Не само поради патувањето и учеството на Miss Universe, туку и затоа што за првпат верував во себе на начин на кој не сум ни знаела дека е возможно. Научив да одам со исправена глава, да зборувам пред публика, да се грижам за себе и да бидам свој човек.
Кој момент никогаш нема да го заборавиш?
Подготовките во Скопје и финалната вечер во МОБ беа магични, но најмногу ме допре патувањето во Мексико. Таму сфатив колку е важно да ја претставуваш својата земја со гордост. Секој детаљ..од фустаните што ги носев, до интервјуата за странските медиуми, беше дел од приказната што ја кажував за Македонија.
Што ќе им порачаш на девојките кои мислат „не сум јас за ова“?
И јас го мислев истото. Мислев дека треба да си совршена, да си манекенка, да имаш искуство. А всушност – треба само да си подготвена да се трудиш, да учиш и да растеш. Никој не се родил подготвен. „Мис Македонија“ е платформа за да станеш најдобрата верзија од себе.
Како изгледа процесот на подготовка?
Интензивен, но многу убав. Имавме фотосесии, интервјуа, модни совети, вежби за говор, хуманитарни активности, па дури и посета на Охрид. Не беше само натпревар – беше школа за живот. А најубаво од сè беше пријателството меѓу нас девојките.
Кој е твојот совет за идната Мис Македонија?
Да не се плаши да биде своја. Да слуша, да учи, но никогаш да не се откажува од она што ја прави уникатна. Убавината е многу повеќе од изглед – таа е енергија, став и храброст.
А за оние кои се двоумат дали да се пријават?
Само пријавете се! Без размислување. Тоа е првиот чекор кон нешто многу поголемо. И не само што ќе добиете нови искуства, туку ќе добиете и нова верзија од себе.
Пријавувањето за „Мис Македонија 2025“ е во тек и трае до 1 септември. Сите девојки кои имаат храброст, страст и љубов кон себе и својата земја – ова е вашата шанса! Повеќе информации и формулар за пријавување ќе најдете на официјалниот веб сајт