За можностите за унапредување на соработката во сферата на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, асистенција на загрозените категории и креирање на иницијативи за климатски промени и животна средина, се разговараше на денешниот работен состанок помеѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и Рита Колумбија, постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.
Една од главните теми, известуваат од Кабинетот на Божиновска, беше поддршката од Обединетите нации за организацијата на 14-тиот Интернационален форум за енергија за одржлив развој (14-ИФЕСД), којшто во организација на Министерството за енергетика ќе се одржи од 28-30 октомври 2025 година во Скопје.
Рита Колумбија ја потврди подготвеноста Обединетите нации да помогнат за учество на релевантни говорници на високо ниво, што ќе ја зголеми значајноста и ефектот од форумот.
“Соработката со Обединетите нации е клучна за унапредување на националните политики и за обезбедување конкретна корист за граѓаните”.
“Со поддршката на ОН за нашиот форум ќе можеме да обезбедиме експерти и релевантни говорници кои ќе ја кренат дискусијата на високо ниво,” истакна министерката Божиновска.
На средбата беше дискутирано и за перспективите за проширување на соработката околу Зелениот финансиски инструмент, воведување на државни обврзници поврзани со одржливост и поддршка на енергетските заедници, со цел овозможување на повеќе инклузивни и одржливи решенија за граѓаните.