Германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) ги потврди своите намери за формирање нова младинска структура, објави новинската агенција ДПА.
Стартувањето е предвидено за крајот на ноември во градот Гисен, кој се наоѓа северно од Франкфурт. “Основачкиот состанок е планиран за 29 и 30 ноември”, изјави портпарол на партијата, потврдувајќи ги плановите.
На самиот состанок ќе биде избран управен одбор за новото здружение, а исто така ќе се одреди и неговото име и визуелен идентитет, додаде тој.
Претходниот младински огранок на антиимигрантската партија, Млада алтернатива (MA), претставуваше во голема мера самостојно здружение.
Тој беше распуштен кон крајот на март, по одлуката донесена на партиската конференција на АфД. Планот за креирање на нова организација се базираше на амбицијата на партијата да оствари поголемо влијание врз младата популација.
Постоеја и грижи дека MA би можела да биде забранета, откако германските разузнавачки служби открија докази за антидемократски тенденции и ја категоризираа како десничарска екстремистичка организација.
Се претпоставува дека организацијата која ќе ја наследи ќе биде поцврсто поврзана со АфД во иднина.
Весникот „Билд“ пренесе дека се дискутира за можноста Жан-Паскал Хом, член на покраинскиот парламент на АфД во Бранденбург, да биде избран за лидер на новата организација.
Претседателот на АфД во Бранденбург и член на Бундестагот, Рене Спрингер, на социјалната платформа „Х“ се заложи за кандидатурата на Хом на чело на новата организација. мс/ .
Извор: МИА