Денеска беше поставен камен-темелник за нова спортска сала во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје. На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски и министерот за спорт, Борко Ристовски.
Беше објавено дека инвеститор на овој проект е Министерството за спорт, а вкупната вредност на инвестицијата изнесува 64,780.000 денари.
Според планот, новата сала ќе има димензии 45×30 метри и ќе биде опремена со стандарден терен за ракомет, кошарка и одбојка. Ќе има и трибина со капацитет од 400 гледачи, соблекувални и дополнителен простор под трибините.
По завршувањето на инвестицијата, спортската сала ќе биде дадена на трајно користење на Министерството за одбрана за потребите на питомците на Воената академија. Сепак, ќе бидат обезбедени и термини за учениците и жителите на општина Аеродром.
Премиерот Мицкоски ја изрази својата сатисфакција од реализацијата на проектот: “За две години е даден рокот да се изгради, министерот за спорт е оптимист дека догодина ова време можеме да ја отвориме. Да видиме дали ќе успееме да го мотивираме изведувачот да работи така брзо и да ја стави во употреба оваа спортска сала”, рече премиерот во својата изјава за медиумите.
Министерот Мисајловски истакна дека ова е прв објект кој се гради во рамки на Воената академија по период од 30 години, а е резултат на соработката меѓу министерствата за одбрана и за спорт: “Сакам да нагласам дека по 30 години тука во Воената академија се започнува со нов објект. Триесет години постоење – еден нов објект навистина ќе значи и за питомците и за студентите, но и за целата Армија. Не застануваме тука, ќе продолжиме и со многу други проекти. Овој проект доаѓа директно од Министерството за спорт и навистина – одлична соработка, благодарен сум. Потпишавме меморандум за соработка и еве може да видиме дека почнува да се остварува овој проект”, изјави министерот Мисајловски за медиумите. Тој додаде и дека на последната владина седница поминала и реконструкцијата на Домот на АРМ и хотелот „Шар“ на Попова Шапка.
Министерот Ристовски изјави дека оваа сала нема да биде само за спортисти, туку и за питомците од Воената академија, учениците од локалните училишта во општина Аеродром и сите оние деца кои ќе сакаат да се рекреираат или професионално да се занимаваат со спорт: “Ова е една повеќенаменска инвестиција на Министерството за спорт што ја изведовме во соработка со Министерството за одбрана”, истакна Ристовски во својата изјава за медиумите.
Извор: МИА. Фото и видео: МИА.