Приближно една од четири држави денес регистрира назадување во однос на правата на жените, а 60% од анкетираните на глобално ниво изразуваат стравување за стагнацијата во рамноправноста.
Покрај тоа, преку 600 милиони жени и девојки живеат во подрачја зафатени со конфликти, а родово заснованото насилство и економската нееднаквост се во пораст, изјави за МИА директорката на канцеларијата на UN WOMEN во Скопје, Весна Ивановиќ Кастареде.
Во интервјуто дадено по повод 15 години од формирањето на UN WOMEN, Ивановиќ Кастареде истакнува дека оваа година се слават повеќе значајни јубилеи, како што се 30-годишнината од Пекиншката декларација и Платформата за акција, 25-годишнината од Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН – Жени, мир и безбедност, како и 25-годишнината од собирањето на родово раздвоени податоци во државата.
“Иако е забележан одреден прогрес, како зголемена присутност на жени на позиции каде се одлучува и подобар пристап до образование и услуги, предизвиците сѐ уште се присутни во различни области”.
“Овие јубилеи се можност да потсетиме дека напредокот не смее да се смета за саморазбирлив, туку треба да послужи како мотив за уште посилна и заедничка посветеност кон исполнување на ветувањата дадени за родова еднаквост и остварување на правата на сите жени и девојки”, рече таа.
За нашата земја, Ивановиќ Кастареде напоменува дека како потписник на Пекиншката декларација и Истанбулската конвенција, државата презела обврски кои веќе се одразуваат во законите и институциите, но дека е неопходна поголема примена и политичка волја за промените да се почувствуваат на терен – во секој град и село, во домот и на работното место.
“Но, најважно од сѐ е да се промени пристапот, родовите стереотипи да се искоренат, за да имаме одржлив напредок во животот на жените во секое поле”.
Во државата, жените се недоволно претставени во извршната власт, особено на локално ниво и во одредени сегменти од приватниот сектор.
Промоцијата на правата на жените, особено на оние во руралните области, малцинските заедници и жени во ризик, останува приоритет, потенцира директорката на канцеларијата на UN WOMEN во Скопје.
Во врска со тоа што е најважно за подобрување на позицијата на жените во нашето општество, Ивановиќ Кастареде смета дека се значајни повеќе аспекти, како образованието, поддршката од семејството и блиските, финансиската независност и еднаквиот пристап до можности, но дека можеби најважно е општеството да ги признае жените како рамноправни чинители.
Во однос на застапеноста на жените во политиката, таа наведува дека во моментов, посебно внимание треба да се посвети на зголемување на учеството на жените во политиката и јавниот живот, особено на локално ниво, каде застапеноста е најниска – во моментот само две жени се градоначалнички во државата.
“И покрај тоа што државата за првпат избра жена претседателка во 2024 година, жените сѐ уште се недоволно застапени на извршни, министерски и раководни функции”.
“Тоа е последица на родови стереотипи, длабоко вкоренетите патријархални норми и структурни бариери во општеството во целост”, посочува директорката на канцеларијата на UN WOMEN во Скопје, Ивановиќ Кастареде.
Во продолжение ви го пренесуваме целосното интервју.
Годинава се одбележуваат 15 години од постоењето на UN Women и 25 години од почетокот на собирањето на родови податоци во земјата.
Дали UN Women успева да ги оствари своите цели во изминативе години?
Во текот на изминатите 15 години, UN Women остана посветена на глобално, регионално и локално ниво во напорите за постигнување родова еднаквост и унапредување на правата на жените и девојките.
Оваа година одбележуваме повеќе важни јубилеи, како што се 30-годишнината од Пекиншката декларација и Платформата за акција, 25-годишнината од Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на ОН – Жени, мир и безбедност, како и 25-годишнината од собирањето на родово раздвоени податоци во државата.
Иако е забележан одреден напредок, како зголемена присутност на жени на позиции каде се одлучува и подобар пристап до образование и услуги, предизвиците сѐ уште се присутни во различни области.
Овие јубилеи се можност да потсетиме дека напредокот не треба да се зема здраво за готово, туку да послужи како мотив за уште посилна и заедничка посветеност кон исполнување на ветувањата дадени за родова еднаквост и остварување на правата на сите жени и девојки.
Пред 30 години во Пекинг беше одржана Четвртата светска конференција за жените, каде сите присутни владини претставници, активисти за човекови права и родова еднаквост, како и претставници од академската фела се договорија за 12 клучни области на кои треба да се работи за да се унапредат правата на жените, насекаде во светот.
За жал, дури и по 30 години, ниту една држава не ги има целосно исполнето заложбите.
Речиси една од четири држави денес бележи назадување во правата на жените, велат податоците кои ги имаме, а 60% од анкетираните изразуваат загриженост за стагнацијата во рамноправноста.
Исто така, над 600 милиони жени и девојки живеат во конфликтни зони, а родово заснованото насилство и економската нееднаквост се во пораст.
UN Women, со поддршка од партнерите, ја одбележува оваа годишнина со обновена посветеност: повикува на конкретни акции од ставање крај на насилството и сиромаштијата, до искоренување на јазот во платите и обезбедување еднаков пристап до образование и вработување.
На овој начин, преку трансформирање на меѓународните и националните политики и поддршка на женските организации, UN Women ќе продолжи да биде клучен фактор во глобалната и националната трансформација за родова еднаквост и зајакнување на жените.
Во текот на изминативе 15 години откако беше основана, канцеларијата на UN Women работеше посветено со семејството агенции на Обединетите нации во државата, институциите, граѓанското општество и меѓународните партнери за унапредување на родовата еднаквост и правата на жените.
Обезбедивме стратешка поддршка за подобрување на законските рамки во согласност со ЕУ стандардите, придонесовме во подобрувањето во процесите на креирање на политики преку родово одговорно буџетирање на локално и национално ниво и придонесовме кон зајакнување на жените, особено оние од руралните и маргинализираните заедници.
Родовите податоци што почнаа да се собираат пред 25 години се клучен ресурс за нашето делување.
Неодамна го одбележавме овој значаен јубилеј заедно со Државниот завод за статистика, каде се обрати и претседателката на вашата земја, Гордана Сиљановска-Давкова и порача дека податоците не треба да се гледаат само како “море од бројки”, туку тие претставуваат еден вид патоказ преку кој треба да се креираат понатамошните политики во државата.
Патот е сѐ уште долг, но напредокот е видлив и резултатите се мерливи.
Како глобалните геостратешки промени, воените конфликти, миграциските текови, сиромаштијата и други околности влијаат на работата на организацијата?
Во последните години се соочуваме со зголемени и сложени предизвици кои директно влијаат врз работата на UN Women и партнерските женски организации.
Конфликтите, климатските промени, порастот на сиромаштијата и несигурноста со снабдувањето со храна предизвикуваат зголемена хуманитарна потреба – денес над 308 милиони луѓе во 73 држави имаат потреба од помош.
Жените и девојките се најпогодени, страдаат од неухранетост, сексуално насилство и смртни случаи поврзани со бременост кои може да се превенираат.
Истовремено, хуманитарниот систем се соочува со сериозен недостиг на финансии.
Овие предизвици ја прават нашата работа уште порелевантна.
Жените најчесто се први погодени, но и клучни носителки на решенија во време на кризи.
Затоа UN Women работи на тоа женските гласови и потреби да бидат дел од одлуките во справување со конфликти, климатски и економски кризи.
Работиме и на тоа жените да имаат пристап до ресурси, услуги и безбедност и во најранливите услови.
Како ја оценувате улогата на жената во нашето општество и дали во изминатите години има промени во однос на нивните права?
Жените имаат голема и важна улога во нашето општество. Тие денес се погласни, поорганизирани и поактивни во општествениот и политичкиот живот.
За жал, поради одредени околности, има и ранливи категории на жени на кои им е потребна поддршка за да го постигнат својот потенцијал.
Како потписник на Пекиншката декларација и Истанбулската конвенција, државата презеде обврски кои веќе се одразуваат во законите и институциите.
Сепак, потребна е поголема примена и политичка волја за промените да се почувствуваат на терен – во секој град и село, во домот и на работното место.
Но, најважно од сѐ е да се промени пристапот, родовите стереотипи да се искоренат, за да имаме одржлив напредок во животот на жените во секое поле.
Само кога искрено секој маж и секоја жена ќе се застапат за човековите права на жените, само тогаш родовата еднаквост ќе биде постигната.
Бројките на глобално и национално ниво покажуваат дека суштинската еднаквост сѐ уште не е постигната.
Над 119 милиони девојки во светот сѐ уште не посетуваат училиште, а 39% од младите жени не го завршуваат средното образование.
Жените сѐ уште заработуваат 20% помалку од мажите и се соочуваат со правни и структурни пречки на пазарот на трудот.
Во државата, жените се недоволно претставени во извршната власт, особено на локално ниво и во одредени сегменти од приватниот сектор.
Промоцијата на правата на жените, особено на оние во руралните области, малцинските заедници и жени во ризик, останува приоритет.
Затоа, потребни се храбри политики, родово одговорно буџетирање, усогласување на домашната легислатива со законодавството на ЕУ, поддршка за женските организации и целосна имплементација на меѓународните обврски – како Пекиншката декларација и Истанбулската конвенција – за да бидеме сигурни дека секоја жена и девојка може да го оствари својот потенцијал, без ограничувања.
Несомнено е важна и улогата на медиумите во градењето на перцепциите за жените во едно општество, па потребно е да се посвети внимание во известувањето на теми со кои се потенцира родовата еднаквост и застапеноста и успешноста на жените во јавниот и политичкиот живот.
Улогата на жената во домот и надвор од него почнува од рана возраст, каква улога му се дава или не на девојчето има огромно влијание врз градењето на карактерните особини, стекнување со самодоверба, искуство, градење капацитети и откривање на својот потенцијал без ограничување.
Што во моментов е во фокусот на UN Women во државава?
Кај UN Women во државата, фокусот бил и останува на правата на жените и нивното зајакнување во сите сфери на животот, за да се постигне родова еднаквост.
Работиме програмски на родово одговорно управување и буџетирање, со нашите партнери Швајцарија и Шведска, а преку социјално менторство пружаме поддршка за жените жртви на насилство, бидејќи економски зајакната жена може да управува со својот живот.
Работиме и на спречување и соодветен одговор на родово засновано насилство од страна на надлежните институции, а даваме и поддршка на релевантните институции за креирање и спроведување родово одговорни политики и буџетирање.
Родовите податоци и дигитализацијата, како и вклученоста на младите се исто така неизоставен дел од нашата работа, бидејќи без нив нема вистински напредок.
Исто така, се фокусираме на некои други стратешки приоритети: зголемување на женското учество во дипломатијата, родовата компонента и антикорупцијата, економско зајакнување на жените и неплатениот труд во домот, кој најчесто не е препознаен.
Повеќе години работите на оваа проблематика. Од вашето искуство и како жена, што е најзначајно за подобрување на позицијата на жените во нашето општество?
Повеќе работи се важни, како што се образованието, поддршката од семејството и блиските, финансиската независност и еднаквиот пристап до можности.
Но, можеби најважно е општеството да ги препознае жените како еднакви чинители.
Жените мора да имаат простор за избор, како за носење одлуки за личниот живот, така и за одбирање на професијата, да имаат можност за лидерски позиции и за учество во креирање и на својата иднина и иднината на општеството.
Голема улога во едно општество има начинот на кој се воспитуваат децата од мали нозе, бидејќи тоа директно влијае на статусот и позицијата на жената, во домот, во соседството, на работното место доколку жената работи и пошироко во сите сегменти на јавниот и приватниот живот.
Кај нас сѐ уште постојат изреките “не плачи како девојче”, “мажот е главата во куќата, а жената е вратот”, доколку има гужва на семафор, тогаш редовно се слуша “мора жена да вози” и слично, кои како изреки имаат штетно влијание врз градење на свеста од рана возраст дека момчињата не треба да плачат, дека девојчињата плачат бидејќи се слаби итн.
На пример, екранизираните народни приказни се полни со родови стереотипи, кои уште од многу рано создаваат одредена слика за родовите улоги на девојчињата и момчињата.
Кога се хранат овие убедувања, се создаваат, за жал, услови на нееднаквост, непочитување, се формираат очекувања според обликуваните родови улоги, а сето тоа води и кон предрасуди, дискриминација и разни форми на родово засновано насилство и насилство врз жените.
Сите сме сведоци на говорот на омраза кон жените на социјалните медиуми како еден од примерите.
Затоа треба да се прашаме како можеме да очекуваме промени кон подобро, одржливи промени кои ќе го подобрат животот и на жените и на мажите во државава, каде ќе има прогрес, почит, ако не се реагира на горенаведеното, а ова што го кажувам е само мал пример на многу посериозна слика.
Имаме жена претседател, 44 пратенички, но мал број министерки и градоначалнички. Ни претстојат локални избори, а има само неколку жени кандидатки. Како може да се смени оваа слика?
Во моментов, посебно внимание треба да се посвети на зголемување на учеството на жените во политиката и јавниот живот, особено на локално ниво, каде застапеноста е најниска – во моментов само две жени се градоначалнички во државата.
И покрај тоа што државата за првпат избра жена претседателка во 2024 година, жените сѐ уште се недоволно застапени на извршни, министерски и раководни функции.
Тоа е последица на родови стереотипи, длабоко вкоренетите патријархални норми и структурни бариери во општеството во целост.
Вклучувањето на жените во процесот на донесување одлуки и лидерство бара инклузивни стратегии кои се справуваат со родовите стереотипи и системските бариери, со цел да се создаде поволна средина, учество во мировните процеси и слично.
Законите треба да се имплементираат во сите сегменти, со финансирани акциски планови, како и нулта толеранција за каква било форма на насилство врз жените и родово засновано насилство или вознемирување, справување со предрасудите при вработување, промоција на семејни политики кои ја негуваат родовата еднаквост и користење на родови податоци, се некои од важните чекори за да имаме родово инклузивни мерки кои ќе дадат резултат.
Исто така, кога се носат политики за правата на жената и родовата еднаквост, жените треба да се дел од одлучувачкиот процес, а политиките и одлуките понатаму редовно да се евалуираат.
Дополнително, UN Women поддржува иницијативи за намалување на родовите стереотипи и зголемување на јавната свест да се искорени говорот на омраза кон жените во јавниот живот, како и да се посвети внимание на жени од немнозинските заедници за никоја да не биде изоставена – вклучувајќи Ромки, бегалки и жени со попреченост – во креирањето политики.
Новинар: Елизабета Велјановска Најдеска
Фотографии: Фросина Насковиќ
Извор: МИА