Американските давачки од 15 проценти не се финални, ние продолжуваме со разговорите. Се очекува преговорите да станат подинамични во втората половина на август, по завршувањето на годишните одмори.
„До крајот на септември ќе видиме која стапка ќе биде дефинирана, а според Министерството за финансии можеме да одиме до 10 проценти“, изјави денеска директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Николовски на прес-конференција потенцираше дека, според моменталните 15 проценти давачки, Македонија е на исто ниво со целата ЕУ, додека во Швајцарија, на пример, стапката е 39 проценти. Тој додаде: “Не се конечни тие 15 проценти.”
“Апсолутно бидете убедени дека ова е успех на нашата Влада која во комуникација и перманентни разговори и преговори со администрацијата на претседателот Трамп успеа од 33 да ги спушти на 15 отсто царините, но ова не е конечен договор. Преговорите траат и ќе траат, а ќе бидат поинтензивирани во втората половина на август кога ќе се завршат летните одмори.” Според Министерството за финансии, постои верување дека можеме да постигнеме уште пониска стапка, околу 10 проценти.
Директорот на Царинската управа нагласи: “Продолжуваме да преговараме, јас сум убеден дека квалитетни луѓе преговараат и ќе видиме до крајот на септември која стапка ќе биде дефинирана, но за тоа ќе излезат официјално владини претставници и ќе кажат.”
Со новата извршна наредба, потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп, за воведување давачки за речиси сите земји кои немаат трговски договор со САД, царинската стапка за Македонија е редуцирана од претходните 33 на 15 проценти.
Царина од 15 проценти САД ќе имаат и со Европската унија, со која постигнаа трговски договор на 27 јули.
Од земјите во регионот, со царинска стапка од 15 проценти ќе бидат и Хрватска и Словенија, производите од Србија ќе се царинат со 35, од Босна и Херцеговина со 30, а најниска царина ќе има Црна Гора, 10 проценти.