Во недела, 20 јули, со почеток во 20:30 часот, во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, свечено ќе биде отворен најголемиот мултиспортски настан што досега се одржал во Северна Македонија – Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025. Свечената церемонија ќе го означи почетокот на седумдневен спортски и културен спектакл (од 20 до 26 јули), кој ќе ги обедини младите спортисти од цела Европа во духот на фер-плеј, солидарност и пријателство.
Како дел од свеченото отворање, ќе се одржи голема парада на сите 49 спортски делегации, како и на Тимот на бегалци под покровителство на ЕОК, кој ќе добие заслужено внимание во духот на еднаквоста и инклузивноста. Илјадници млади спортисти, на возраст од 14 до 18 години, ќе продефилираат низ арената со знамињата на своите држави, носејќи ја со себе енергијата и надежта на новата европска генерација.
Публиката ќе има можност да ги проследи воведните обраќања, вклучително и на Претседателот на Европските олимписки комитети, г. Спирос Капралос, кој ќе се обрати пред европската спортска јавност и ќе ја истакне важноста на ЕМОФ како платформа за развој на младинскиот спорт и за културна размена преку натпреварување, почитување и заедништво. Фестивалот потоа официјално ќе го отвори Претседателката на Република Северна Македонија, г-ѓа Гордана Силјановска Давкова, со што ќе започне најзначајната спортска недела што досега се организирала во нашата земја.
Отворањето ќе биде збогатено со уникатен сценско-музички спектакл што ќе ја претстави македонската култура, звук и визуелна уметност. Некои од најпрепознатливите и најпопуларни македонски музички имиња ќе настапат на сцената, придружени од современа сценографија, мултимедија и перформанси инспирирани од олимписките вредности. Шоуто е внимателно осмислено за да го прикаже културното богатство на Македонија пред европската публика и да создаде атмосфера на единство, гордост и свеченост – вистински емотивен и незаборавен почеток на фестивалот.
Централно место во церемонијата ќе има изведбата во живо на официјалната химна на ЕМОФ Скопје 2025 – „Together We Shine“, композиција која веќе се препознава како симбол на заедништво, младешка енергија и олимписки дух. Оваа моќна музичка порака ќе ја изведат четири извонредни македонски изведувачи – Сара Мејс, Лара Иванова, Јанг Дади и Александар Тарабунов. Автор на музиката и текстот е реномираниот продуцент Роберт Билбилов. Химната е многу повеќе од песна – таа е повик до Европа, манифест на надеж, единство и младинска сила.
ЕМОФ Скопје 2025 ќе вклучува натпревари во 15 спортски дисциплини: атлетика, пливање, кошарка, баскет 3×3, ракомет, одбојка, џудо, спортска гимнастика, друмски велосипедизам, маунтајн бајк, кајак слалом, бадминтон, стрелаштво, пинг-понг и таеквондо. Натпреварите ќе се одржуваат на спортски објекти со меѓународен стандард во Скопје и Куманово, додека натпреварите во спортска гимнастика ќе се одржат во Осиек, Хрватска, во соработка со Европскиот и Хрватскиот олимписки комитет.
Се очекува учество на повеќе од 4.000 млади спортисти, тренери, спортски официјални лица и тимски претставници, како и стотици новинари, волонтери и гости. Македонија ќе биде претставена од контингент од речиси 200 млади спортисти – рекорден број во историјата на нашето учество на ЕМОФ.
Покрај спортските натпревари, фестивалот ќе понуди и богата културна програма, фан-зони, едукативни работилници, интерактивни активности водени од Европските младински олимписки амбасадори, како и бројни појавувања на официјалната маскота – Shiny.
Организацискиот комитет на ЕМОФ Скопје 2025 упатува искрена благодарност до општините Кисела Вода, Аеродром, Центар, Карпош, Гази Баба, Сарај и Куманово за нивната извонредна соработка, поддршка и логистичка помош во подготовката и реализацијата на овој престижен настан. Преку нивната посветеност и отвореност, овие локални заедници станаа неразделен дел од фестивалот, уште еднаш потврдувајќи дека успехот на големите проекти се гради заеднички – со тимски дух, визија и партнерство.