Кога детето не сака да се облече и да појде во градинка, родителите најчесто се нервираат, но еве што всушност се крие зад таквото однесување
Малите деца честопати не знаат да кажат „ми треба блискост“. Наместо тоа, викаат, негодуваат, удираат, молчат или бегаат. Родителите го гледаат таквото однесување како безобразно или како провокација, а тоа, всушност, е страв, потреба за контакт или обид да се приспособи на напорниот свет.
Тогаш не помагаат обвинувањата и етикетите, туку контактот, разбирањето и поставувањето граници – тоа менува сè.
Понекогаш доволно е родителот да се запраша: „што се обидуваш да ми покажеш со твоето однесување?“
Кога детето не сака да се облече и да појде во градинка, првата реакција на родителот е „нема да ме нервираш уште рано сабајле“. А, всушност, зад се кријат емоции што детето не знае да ги искаже. Можеби утрото за него е пребрзо или прегласно, можеби му требаат уште пет минути повеќе прегратки за да може да тргне, бидејќи детето генерално не бега од градинката, туку од чувството на несигурност и недостиг од контрола.
Поврзани објави
Тогаш, наместо да го осудат, родителите треба да му дадат внимание и да го прашаат: „Дали сакаш да поседиме дома уште малку пред да тргнеме?“, „Што би ти помогнало за да се спремиме заедно?“
Децата не умеат да кажат: „Осамено сум, ми треба внимание, изморено сум, збунето сум…“
Затоа, телото зборува наместо нив и она што честопати го нарекуваме проблем во однесувањето, всушност е нивен повик за помош.
Зборовите како „безобразен си, невоспитан си, напорен си“ не му покажуваат на детето што треба да промени, тие му кажуваат дека тоа што го прави е погрешно. Неприфатливото однесување не значи дека детето е невоспитано, туку дека се бори со нешто што не знае да го објасни. Затоа, наместо веднаш да се етикетира детето, треба да се праша што е проблемот. Наместо да се осудува, треба да се оддалечите од самата ситуација, да ја согледате во целина, и наместо бес, на детето треба да му дадете контакт.
Тоа што родителот ќе ја смени својата прва, гневна реакција, може да му го промени целото детство на детето.