Од крајот на 2023 година, сѐ до почетокот на пролетта 2024 година, Брисел беше сцена на неколку големи аграрни протести, повремено со насилни елементи, на кои фармерите го искажуваа својот револт поради примената на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, а особено поради мерките поврзани со постигнувањето на климатските цели.
Протестите престанаа во исчекување на минатогодишните избори за пратеници во Европскиот парламент, по добиените уверувања од страна на Европската комисија за преземање чекори за олеснување на зелената транзиција за земјоделците.
Меѓутоа, по период на смирување од нешто повеќе од една година, за в среда е најавен нов “масовен протест” на земјоделците во Брисел, во знак на незадоволство поради плановите за намалување на земјоделските субвенции и намерата на Европската комисија да го пренасочи финансирањето од земјоделските и кохезивните фондови на т.н. “национални партнерства” раководени од земјите членки на ЕУ.
Протестите, организирани од повеќе европски земјоделски асоцијации, се закажани за истиот ден кога Европската комисија го најави презентирањето на својот прв пакет предлози поврзани со подготовката на следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за по 2027 година.
Организаторите на протестот известија дека е предвиден “симболичен марш”, кој ќе започне пред Европскиот парламент и ќе заврши пред зградата на Европската комисија.
Според организаторите, со овој протест тие сакаат да повикаат на “обновена посветеност” на земјоделскиот сектор, на изработка на буџет за Заедничката земјоделска политика прилагоден на стапката на инфлација и за зачувување на сегашната структура на “два столба” на земјоделската политика, кои вклучуваат директни субвенции и средства за рурален развој.
Во пресрет на протестот организациите на земјоделците покренаа иницијатива за собирање потписи на петицијата насловена “Нема безбедност без Заедничка земјоделска политика”, алудирајќи на актуелните приоритети на ЕУ за зајакнување на европската одбрана и безбедност.
Иницијаторите на петицијата сметаат дека Заедничката земјоделска политика е од големо значење за гарантирање на безбедноста на храната во Европа и за одржување на стабилноста на европските земјоделски заедници и се против моменталните предлози на Европската комисија за промена на структурата на финансирање на земјоделскиот сектор.
Европската комисија предлага во следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година да се изврши спојување на финансирањето за земјоделство и кохезивната политика во т.н. “национални партнерства”, со цел да се олесни исплатата на финансиските средства и да им се овозможи на земјите членки да ги приспособат инвестициите на нивните специфични потреби и приоритети.
Според овој модел, би се воспоставило “споделено управување” со фондовите од страна на Европската комисија и соодветните државни институции во земјите членки.
На тој начин земјоделците ќе можат да аплицираат за средства во рамките на Заедничката земјоделска политика преку министерствата за земјоделство или други релевантни институции во нивната матична земја, кои потоа би биле задолжени за менаџирање со средствата за конкретните проекти во име на ЕУ.
На овој начин властите на национално, регионално и локално ниво во земјите членки би избирале кои проекти ќе се финансираат и ја преземаат одговорноста за управување со распределбата на средствата, додека Комисијата би ја контролирала реализацијата на проектите и дали парите се трошат наменски.
Сепак, земјоделските здруженија сметаат дека ваквата промена во начинот на финансирање би можеле да ги нарушат темелите на европското земјоделството, доведувајќи ги во сериозна опасност неговата иднина и способноста на Европа да се прехрани себеси.
сп/паг/Фото: МИА Архива.
Извор: МИА