Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, вчера соопшти дека новововедените, повисоки тарифи на САД за увоз од Европската Унија ја демонстрираат некомпетентноста на раководството во Брисел, и дека е неизбежен патриотски пресврт.
Американскиот претседател Доналд Трамп, претходно во текот на денот објави дека ЕУ ќе се соочи со данок од 30 проценти, почнувајќи од 1 август.
Во изјава, Министерството за надворешни работи на Унгарија го цитираше Сијарто, кој на социјалните мрежи изјави дека потегот на САД е уште една потврда за комплетната неспособност на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и на самата ЕК, пренесе МТИ.
“Оваа неспособност веќе предизвика многу штета и проблеми за Европа во последните неколку години, а сега имаме уште еден неуспех: Урсула фон дер Лајен и Европската комисија не успеаја да издејствуваат поволен трговски договор со американската администрација и повторно страдаат европската економија, европските компании и европските граѓани”, истакна Сијарто.
Тој тврдеше дека давачките на ЕУ кон САД требало веднаш да се редуцираат откако Доналд Трамп ја презеде функцијата.
“Урсула фон дер Лајен и Европската комисија тоа не го сторија, и ние, Европејците, повторно страдаме поради тоа”, рече тој и нагласи дека е време за реформи во Брисел и дека “патриотите конечно треба да ги заменат луѓето како Фон дер Лајен”.