Инфлацијата се намалува, тренд кој започна во октомври, што е добра вест за сите. Очекуваме понижување на цените на млекото и млечните производи во следниот период, изјави вечерва вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Економските движења покажуваат дека има активности со кои инфлацијата опаѓа, што е добра информација за сите. Во овој период, иако има одредени мерки за помош на стопанството и на граѓаните, тенденцијата за раст на цените продолжи. Затоа донесовме одлука за замрзнување на цената на лебот и ги укинавме царинските давачки за тестенини и одредени производи коишто се сметаат за основни прехранбени производи и што дополнително ќе придонесат за понижување на цените, истакна Битиќи.
На владината седница вчера била донесена уште една одлука која ќе помогне во оваа насока. Градењето на Коридорите 8 и 10д значително ќе ги променат однесувањата и навиките на градење на капитални инвестиции, особено инфраструктурни и ќе донесат поголем економски развој, вели Битиќи.
Новите правила на градење на автопати коишто вклучуваат проектирање и изведба ќе значат и нов пристап. Сите недостатоци во проектите кои можат да се соочат, сега ќе бидат на товар на изведувачот и ова е увертира во нов пристап на градење на автопати, рече вицепремиерот за економски прашања.
Учество на најмалку 51 проценти од домашни изведувачи ќе донесе најмалку 1 отсто раст на БДП, посочи Битиќи.