Почетна Економија„Македонско најдобро“ – кампања за купување македонски земјоделски производи и преработки

„Македонско најдобро“ – кампања за купување македонски земјоделски производи и преработки

од nenad
2 минути читај за

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) најавува нова иницијатива со цел да се зголеми освестеноста кај купувачите за значењето на набавката на локални земјоделски артикли и преработки, со што ќе им се даде поддршка на фармерите, преработувачите и националната економија.

Кампањата ќе го носи името „Македонско најдобро“ и, според зборовите на ресорниот министер Цветан Трипуновски, воведува новина – креирање на дигитална платформа за едноставен пристап до информации за производителите и дистрибутерите на земјоделски производи, како и за попрецизна документација на земјоделското производство во државата. “Изминатите месеци работевме на еден проект со кој сакаме да поттикнеме купување домашни македонски земјоделски производи и преработки.”

Трипуновски додава дека “Кампањата би се викала „Македонско најдобро“, а во текот на наредните десетина дена ќе има и официјална презентација. Ќе ги промовираме целите и сите аспекти кои планираме да се спроведат и да се постигнат.” Тој нагласува дека главната цел е да се стимулира купувањето на македонски земјоделски артикли. “Она што е суштината, сржта на оваа кампања, е да ја подигнеме свеста кај македонскиот потрошувач дека со купувањето на македонските земјоделски производи и преработки всушност му помагаме, пред се, на оној што го произведува тој производ. Тоа е почитуваниот земјоделец кој упорно работи на полињата за да произведе и да имаме доволно храна. Со купувањето на кој било земјоделски производ, ја помагаме и домашната економија, ги помагаме сите преработувачи кои учествуваат во секторот,” посочува министерот.

Во рамките на платформата, како што објаснува тој, ќе бидат евидентирани сите земјоделски производители според видот на производството, како и сите маркети и преработувачи на земјоделски производи. “Новина е воведувањето платформа што ќе овозможи поврзување на производители, преработувачи и потрошувачи, со цел полесен пристап до домашни земјоделски производи и подобра евиденција на производството. Секој граѓанин со еден клик ќе може да си избере тип на производ што сака да го купи, да види каде се продава. Ќе имаме база на податоци што ќе значи целокупна евиденција на целокупното земјоделско производство во државата,” потенцира Трипуновски.

Тој исто така подвлекува дека со секоја набавка на земјоделски производ, директно се помагаат националната економија, селата и фармерите.

мч/лв/фото: МИА и ФБ на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски  .

Извор: МИА