Почетна ЕкономијаИсплатени 681.026.665 денари за работите на коридорите 8 и 10д во мај

Исплатени 681.026.665 денари за работите на коридорите 8 и 10д во мај

од nenad
2 минути читај за
  1. Во текот на мај, компанијата која ги гради автопатските секции на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола) продолжи со извршување на активности поврзани со геотехнички истражувања, изработка на проекти и спецификации за автопатот, планирање на експропријација, детектирање на експлозивни направи, мерки за привремено регулирање на сообраќајот, мобилизација, како и градежни активности, главно земјени работи и конструкции.

Според Извештајот за прогресот на работите, во мај годинава е извршена една уплата од страна на државата кон конзорциумот „Бехтел и Енка“ преку Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во износ од 681.026.665 денари (11 милиони евра). Од почетокот на годината имаше уште две уплати од 599.794.350 денари, на 22 април, и од 524.972.228 денари, на 30 април.

До сега се уплатени повеќе од 312 милиони евра, во согласност со Договорот склучен во март 2023 година, за кој првичните проценки се дека ќе чини 1,3 милијарди евра.

Извештајот, достапен на веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта, покажува дека се завршени 87 проценти од плановите за експропријација за автопатската делница Тетово-Гостивар, 72 проценти за Гостивар-Букојчани, а 78 проценти за делницата Прилеп-Битола.

Според Извештајот, за делницата Тетово-Гостивар се реализирани 100 проценти од геотехничките истражувања, за Букојчани-Гостивар 73 проценти, а за Прилеп-Битола 63 проценти. Надзорот забележува напредок од 69 проценти на работите за спецификација и проектирање на автопатот Тетово-Гостивар, од 35 проценти за Букојчани-Гостивар, а 50 проценти за Прилеп-Битола.

За делницата Требеништа Ќафасан, според најавите, ќе се преиспита трасата со оглед на тоа што постоечкиот проект го доведува во опасност заштитениот статус на Охридското Езеро и регионот.

Во рамки на овие активности, изведувачот заклучно со мај годинава има ангажирано 1929 лица и 1119 градежни машини. лв/са/Ффото: ЈПДП/ Извештај од надзор за прогрес на работите на коридор 8 и 10д. Извор: МИА