Црна Гора и Унгарија склучија билатерални спогодби за соработка во секторите на инфраструктура и телекомуникации, објави црногорската влада.
Премиерите Милојко Спајиќ и Виктор Орбан ги заверија документите на средба одржана во Будимпешта.
„Целта е преку заеднички избор на проекти, обезбедување финансии и почитување на сите правни и еколошки стандарди, Црна Гора преку блиска соработка со земја-членка на ЕУ да одговори на инфраструктурните предизвици, особено во изградбата на патишта и модернизација на железницата“, се наведува во изјавата на црногорската Влада.
Спајиќ истакна дека поврзувањето со регионот и Европа е од клучно значење за државата, а унапредувањето на инфраструктурата ќе придонесе и за подобра експлоатација на капацитетите на црногорското пристаниште Бар.
Исто така, е договорено и официјализирање на партнерството во сферата на телекомуникациите и информатичката технологија.
Орбан посочи дека овој вид кооперација претставува многу повеќе од само финансиски аранжман – тој претставува воспоставување на взаемна доверба и показател за идно унапредување на релациите.
Понатаму, беше најавено формирање на заедничка стопанска комисија и асистенција во евроинтеграцијата на Црна Гора преку професионална асистенција и стипендии за студенти.
„Црна Гора ги исполни речиси сите стандарди во пристапниот процес и верувам дека може рекордно брзо да ги затвори сите преговарачки поглавја, рече Орбан. ссм/фото: ЕПА.
Извор: МИА