Министерството за економија и труд денес извести дека, во согласност со усвоената информација за реализација на мерките од Фаза 3 на Акцискиот план за спречување на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението (2025 – 2030), активно ги координира и спроведува препораките за заштита на работниците и подобрување на работните околности во текот на летото.
Во ситуација на исклучително високи температури, Министерството апелира до сите работодавачи во државниот и приватниот сектор да ги применуваат следниве мерки:
* „Одложување на работните активности во најтоплите часови од денот – од 11 до 17 часот, особено за работници кои се изложени на директна топлина.“
* „Воспоставување можности за работа од далечина, флексибилно или двократно работно време каде што е изводливо.“
* „Обезбедување на соодветни микроклиматски услови во работните простории, со температура до 25°C, освен каде што природата на работниот процес тоа не го дозволува.“
* „Ослободување од работни обврски на бремени жени и лица над 60 години, доколку не се обезбедени соодветни услови за работа, со исклучок на вработените во критична инфраструктура – здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија.“
Министерството за економија и труд потенцира дека ќе продолжи да ги надгледува и усогласува активностите за зачувување на здравјето и безбедноста при работа, во соработка со Министерството за здравство и другите релевантни институции.
„Овие мерки имаат за цел да ги намалат ризиците од топлотен стрес и други здравствени последици за вработените, како дел од националниот одговор на предизвиците од климатските промени и екстремните временски услови.“
„Министерството ги повикува јавноста и бизнис-секторот на соработка и одговорност во спроведувањето на препораките за заштита на работниците и обезбедување безбедни и здрави работни услови“, се нагласува во известувањето.
бд/са/Фото: МИА архива .
Извор: МИА