Почетна ЕкономијаСкопје домаќин на форум за енергетска транзиција на Западен Балкан – МЕФ25

Скопје домаќин на форум за енергетска транзиција на Западен Балкан – МЕФ25

од nenad
1 минути читај за

Под слоганот „Мапирање на енергетската иднина на Западен Балкан“, денес во Скопје започнува осмото издание на Македонскиот енергетски форум – MEF25. Овој регионален настан е посветен на енергетската транзиција и одржливиот развој во регионот.

На форумот ќе се соберат истакнати имиња од политиката, стопанството, науката и граѓанскиот сектор со цел да се промовира дијалог и заедничка работа за забрзување на енергетската трансформација во регионот.

Воведни обраќања ќе имаат Агим Селами, извршен директор на МЕФ, Михалис Рокас, амбасадор на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Северна Македонија, Миодраг Милошевиќ, заменик-директор на OSF Western Balkans, Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални ресурси и Изет Меџити, прв заменик-претседател на Владата и покровител на МЕФ25. Сите тие ќе ги споделат своите видувања за предизвиците и можностите кои претстојат.

По церемонијата на отворање ќе следи официјален брифинг за медиумите, по што ќе се одржи воведна панел-дискусија на тема: „Декада од Парискиот договор: Напредок, предизвици и иднината на Западен Балкан“, организирана во соработка со Министерството за животна средина и Амбасадата на Франција.

За вториот ден од форумот е предвидено учество и на премиерот Христијан Мицкоски, на панелот на тема: „Енергетската безбедност и транзицијата на Северна Македонија кон обновливи извори“.

Главните цели на МЕФ25 се зајакнување на регионалната соработка во контекст на геополитичките промени, усогласување со целите за декарбонизација до 2050 година и обврските од COP30, стимулирање на индустрискиот напредок и иновации, како и анализа на улогата на вештачката интелигенција и новите технологии во енергетскиот сектор.

Форумот, кој ќе се одржува во хотел „Хилтон“, ќе трае два дена, а учесниците ќе имаат можност да разменат идеи, да воспостават партнерства и да придонесат кон креирање на одржлива и сигурна енергетска иднина за целиот регион.

ар/лв/Фото: MEF25.