Почетна ЕкономијаЦипрас и Заев ги наградија режисерите на „No Other Land“ со Преспа награда за мир

Ципрас и Заев ги наградија режисерите на „No Other Land“ со Преспа награда за мир

од nenad
2 минути читај за

Документарниот филм „No Other Land“, кој го прикажува пустошењето на палестинската заедница на окупираниот Западен Брег, беше удостоен со наградата за мир Преспа за 2025 година од страна на Институтот „Алексис Ципрас“. Палестинецот Басел Адра и Израелецот Јувал Абрахам го примија признанието од Алексис Ципрас и Зоран Заев на маргините на Втората меѓународна конференција посветена на демократијата и социјалната правда, извести дописничката на МИА од Атина.

Церемонијата на доделување на наградата во преполната сала беше пропратена со овации и аплаузи, насочени кон поранешните премиери на двете држави и кон двајцата режисери. Публиката истовремено скандираше и „Слобода за Палестина“. Режисерите им се заблагодарија на присутните и на организаторите за наградата.

Адра, обраќајќи им се на присутните, изјави дека „мир ќе се постигне само кога ќе постои еднаквост за луѓето и правда“. Тој додаде: „Овде сум и барам од политичарите, од Европејците да сторат нешто, да преземат сериозна акција, да воведат санкции за Владата на Израел, да наметнат прекин на непријателствата во Газа и Западниот Брег, да им се даде подобра иднина и подобар живот на жителите“.

Абрахам изјави дека нема многу што да додаде, но истакна дека е позитивно што се наоѓаат меѓу луѓе кои се заинтересирани за социјалната правда. „Ме прашуваат луѓето што нѐ зближи. Овде говорите за демократија, треба да сфатите дека во нашиот случај и говорам за Израел, не можеме да говориме за демократија кога милиони луѓе се контролирани од војската, не можат да гласаат и ова покажува дека овој систем во кој сме родени и двајцата е фундаментално неправеден“, заклучи Абрахам.

Минатата година, на првата конференција од ваков вид, наградата ја доби медијаторот во преговорите за името, Метју Нимиц. На панел-дискусија на конференцијата учествуваше и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, а паралелно се сретна и со лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас.
ср/aa/Фото: МИА
Извор: МИА