Земјите членки на ЕУ постигнаа политички консензус за ревизија на прописите за правата на патниците во воздушниот сообраќај и за одговорноста на авиокомпаниите, извести дописникот на МИА од Брисел.
Како што објави Советот на ЕУ, целта на модификациите е да се воспостават поедноставни и појасни правила за подобра рамнотежа помеѓу високото ниво на заштита на патниците и зачувувањето на еднакви услови за цивилниот авиосектор во рамките на Унијата.
Полскиот министер за инфраструктура, Дариуш Климчак, чија држава е моментален претседавач со Советот на ЕУ, рече дека ревидираните правила ќе донесат над 30 нови права за патниците во авиосообраќајот. “Тие ќе се применуваат од моментот кога ќе купите билет, па се до пристигнувањето на крајната дестинација, а во некои случаи дури и потоа”, изјави Климчак.
Според него, овој договор претставува „историска пресвртница“, бидејќи државите членки на ЕУ во изминативе 12 години не успеаја да се согласат за промена на овие правила.
Со измените, меѓу другото, се воведува “право на пренасочување”, врз основа на кое авиокомпаниите се должни, во случај на откажување на нивните летови, во рок од три часа да им обезбедат на патниците патување со други превозници или со алтернативни начини на превоз. Во случај на непочитување на ова правило, патниците ќе можат сами да организираат пренасочување и да бараат надоместок во износ до 400 отсто од цената на купениот нов билет.
Авиокомпаниите со измените ќе бидат обврзани да им пружат помош во форма на освежување, храна или сместување на патниците во случај на задоцнување на летовите повеќе од три часа. Во случаи на задоцнување или откажување на летовите, патниците ќе имаат право да бараат надоместок од авиокомпаниите, чиј износ варира во зависност од должината на дестинацијата на која се лета и времетраењето на задоцнувањето.
Доколку летот е на дестинација до 3,500 километри во рамките на ЕУ и задоцнувањето е најмалку четири часа, надоместокот изнесува 300 евра, додека за дестинации над 3,500 километри и задоцнување од над шест часа тој е 500 евра. Патниците ќе имаат право да бараат надоместок и доколку за откажувањето на летот бидат известени помалку од 14 дена пред полетувањето.
Дополнително се воведува и правото на „непојавување“, со што патниците имаат право да бараат надоместок доколку авиокомпанијата не им дозволи качување на повратен лет, затоа што не го користеле дојдовниот лет. Авиокомпаниите ќе бидат должни да ги исплатат овие надоместоци во рок од 14 дена од поднесувањето на барањето за надомест.
Со измените, авиокомпаниите повеќе нема да смеат да одбијат исплата на надоместок повикувајќи се на „вонредни околности“, освен ако не докажат дека “ги презеле сите разумни чекори” за да спречат задоцнување или одлагање на летовите. Авиокомпаниите, исто така, се обврзуваат да ги информираат патниците за нивните права и можностите за жалби и побарувања уште при купувањето на билетите.
Со постигнатиот договор, кој ги менува регулативите на ЕУ за правата на патниците во авиопревозот и за одговорност на авиокомпаниите, веќе ги утврдува правата на патниците во случаи да не им биде дозволено качување во авион, доколку нивниот лет е одложен или откажан, како и во случај на несреќи или губење, уништување или оштетување на багажот.
За договорот сега треба да се произнесе и Европскиот парламент и доколку европратениците ги поддржат измените, тогаш формално ќе треба да ги одобри и Советот на ЕУ, по што тие ќе стапат на сила. Инаку, измените на овие две регулативи првично беа предложени во јуни 2013 година.