Почетна ЕкономијаЈаневска: Студентите ќе останат на универзитетите со модерни програми и пракса во компании

Јаневска: Студентите ќе останат на универзитетите со модерни програми и пракса во компании

од nenad
2 минути читај за

Според статистичките податоци од Државниот завод за статистика и Министерството за образование и наука, пет илјади македонски студенти, односно приближно 10 отсто од вкупниот број, се образуваат на странски високообразовни институции.

“Македонија има околу 50 000 студенти, така што 5000 се 10 проценти, што е некаде приближно како кај другите држави.”

Еден дел од нив се наоѓаат во земјите од Балканот, најчесто во Словенија, поретко во Хрватска, а други се распространети и на други странски универзитети.

Проблемот е што голем дел од нашите студенти кои студираат во странство, обично, не се враќаат во татковината.

“Бидејќи не ги обврзуваме, а немаме ни уставно право да ги запреме, мислам дека овој број не смее да се зголемува и затоа преземаме многу мерки и чекори од кои ефектите ќе ги видиме утре, задутре, ден потоа,” изјави министерката Весна Јаневска на трибина што денеска ја организираше Владата за промоција на усвоениот Оперативен план 2025.

Таа напомена дека Министерството за образование и наука е во континуирана комуникација со универзитетите и заеднички подготвуваат нови законски решенија кои ќе ги регулираат студиските програми и нивната модуларност, со цел да се модернизираат, да бидат привлечни и усогласени со времето и потребите на пазарот на трудот.

“По анализата за потребите на пазарот на труд, се модифицираат студиските програми кои ги имаат универзитетите. Во моментот имаме над 1200-1300 студиски програми кои де факто не ги исполнуваат потребите на пазарот на трудот. Универзитетите се свесни за тоа, дијалогот ни е на високо ниво и веќе преземаме мерки да се променат, да се акредитираат нови кои пазарот на трудот ги бара, на пример програми во вештачката интелигенција,” потенцираше Јаневска.

Важен аспект во модернизацијата на програмите е и практичната обука која ќе се овозможи со вклучување на студентите во компаниите.

“Досега праксата беше по определба на студентите, без да ги вклучуваме во извесен степен поактивно компаниите. Сега и Стопанската комора на Македонија и универзитетите преземаат чекори таа пракса да се одвива во компаниите со што тие ќе може да ги запознаат идните стручњаци, но и да ги задржат за вештини што им се потребни,” рече Јаневска.

Таа ги спомена и сите останати политики и мерки на Министерството за образование и наука, како стипендии, субвенции, инвестиции за подобар ученички и студентски стандард, реновирање на студентските домови итн., посочувајќи дека резултатите од она што моментално се презема може да се очекуваат за пет до десет години.