Почетна ЕкономијаПремиерот нагласи дека договорот со Обединетото Кралство е историски момент за државата и регионот

Премиерот нагласи дека договорот со Обединетото Кралство е историски момент за државата и регионот

од nenad
3 минути читај за

Запрашан од пратеникот Никола Мицевски за значењето на потпишаниот Договор, премиерот Христијан Мицкоски потенцираше дека договорот со Обединетото Кралство претставува клучен момент за нашата земја, но и генерално за целиот регион. Тој додаде дека „Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство претставува историски момент за нас како држава, но и генерално за регионот затоа што едно вакво силно присуство на еден од водечките политички чинители во светот, тука во регионот, значи многу.“

Мицкоски подвлече дека спогодбата е важна за граѓаните, државата и околината, дека е транспарентна и содржи политичка и економска вредност. „Јас сум среќен што ние успеавме да потпишеме ваков договор со Обединетото Кралство, затоа што на тој начин правиме добро за граѓаните, за државата, но и за иднината на регионот.“

Премиерот го раздели Договорот на два аспекта, политички и економски, иако, како што рече, тие се меѓусебно поврзани. „Овој Договор би го поделил во два дела, политички и економски, иако во суштина двата дела еден со друг се обединуваат.“ Во врска со економскиот дел, тој нагласи дека државата има повеќе стратешки цели и проекти кои се дискутираат со децении, но досега не се реализирани, како што се модернизација на пругата на Коридорот-10, автопатишта, болници и енергетски проекти како Чебрен и Галиште за кои се бараат инвеститори. „Во економскиот дел е важно да се знае дека како држава имаме многу стратешки цели и проекти кои што се споменуваат со децении, но за жал никако да се реализираат како што е пругата на Коридорот-10 со цел да се модернизира, автопати, болници, енергетски проекти Чебрен, Галиште за кои со децении бараме инвеститори и никако да се најдат досега.“

Мицкоски објасни дека во минатото имало многу пречки, вклучувајќи недостаток на финансии, политичка волја, храброст и инвеститори, но сега тие пречки се отстранети. „Ако сето тоа се анализира ќе дојдеме до заклучокот дека во минатото имало многу пречки, а една од нив биле финансиите, другата била немањето политичка волја и храброст, немање инвеститори…но сите овие пречки што во минатото постоеле ние ги тргаме настрана“, истакна тој.

За време на собраниската седница за пратенички прашања, премиерот Мицкоски објасни како ќе се одвива процесот за реализација на договорот. „Сега следи процес во кој Министерството за финансии ќе отвори конкурентен дијалог со финансиски институции од светот.“ Тој додаде: „Потоа, откако Министерството за здравство ќе го информира Министерството за финансии дека има намера да ги заврши проектите Клиничка болница во Штип, Студентски дом-Штип, болницата во Кичево и реконструкција на Клиничка болница во Тетово, или откако ЈП Македонски железници и инфраструктура во иста постапка ќе го информира Министерството за финансии, тогаш Министерството за финансии ќе спроведе конкурентен дијалог со плејада финансиски институции од светот и таа понуда што ќе биде најдобра, ние ќе ја профатиме.“

Во однос на каматната стапка, премиерот објасни дека ако се користи кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство (ААА), ќе се добие многу пониска каматна стапка. Тој рече: „Во јавноста кога се зборува во делот на каматата колку таа ќе изнесува, додаде премиерот, со Договорот, ако ние го користиме кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство кој е (ААА) тогаш логично е дека ние ќе добиеме многу пониска каматна стапка и затоа велам дека ние ќе добиеме најниска можна каматна стапка што некоја држава ја добила.“ Тој додаде дека Обединетото Кралство со овој Договор го става на располагање нивниот кредитен рејтинг и се гарант за нас.

„Затоа секој оној што зборува во јавноста дека јас како прв човек на Владата и дека вие пратениците што го поддржаа Договорот, ќе задолжиме неродени генерации, ако е во функција на политика тоа го разбирам иако не го поддржувам. Но, ако некој навистина тоа го мисли, тогаш тој е економски и политички аналфабет“, посочи Мицкоски.

Како одговор на пратеничко прашање, премиерот Мицкоски потенцираше дека Договорот за реализација на проектите ќе биде крајно отворен и транспарентен. „Договорот за реализација на проектите нема да го класифицираме, нема шверцерски и со европски знамиња да го минеме и во Парламентот ќе дојде на гласање. Нема да криеме ништо. Договорот ќе се реализира по принципот „Open Book“ и затоа ви гарантирам дека не само што нето нема да се задолжиме, туку нето ќе го намалиме долгот кога овие проекти ќе се реализираат“, заклучи Мицкоски.