Почетна ЕкономијаТрамп би прифатил претседателски авион од Катар како подарок

Трамп би прифатил претседателски авион од Катар како подарок

од nenad
1 минути читај за

Американскиот претседател Доналд Трамп е подготвен да прими раскошен авион „Боинг 747-8“ како донација од Катар за време на неговото патување на Блискиот Исток оваа седмица. Американски официјални лица тврдат дека леталото може да биде преработено во претседателски авион.

Катарската влада објави дека сè уште не е донесена конечна одлука. Сепак, Трамп ја поддржува идејата, иако тоа би значело прифаќање на вреден подарок од странска влада.

„Фактот дека Министерството за одбрана добива БЕСПЛАТЕН ПОДАРОК – авион 747, кој ќе го замени привремено 40-годишниот „Ер Форс 1“, во рамки на многу јавна и транспарентна зделка, ги вознемирува корумпираните демократи кои бараат да го платиме скапо“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.

Според „Еј-Би-Си Њуз“ авионот има луксузен ентериер, вклучувајќи ѕидови обложени со злато, позлатен мебел, спална соба, салони, конференциски простории, мермерни бањи и импозантно скалиште. Според извори на медиумот, Трамп го разгледал авионот во февруари на аеродромот во Вест Палм Бич и лично го одобрил.

Пред завршувањето на неговиот мандат, наводно, авионот треба да биде доделен на фондацијата на претседателската библиотека на Трамп. Американскиот Устав забранува федералните функционери да примаат лични донации од странски државници без дозвола од Конгресот.

Донациите со вредност над 480 долари се сметаат за сопственост на американскиот народ, а функционерите можат да ги задржат само ако ги откупат по пазарна цена, според податоците од Претседателската библиотека и музеј Роналд Реган.

Трамп ќе престојува во Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати од утре до четврток. Моментално се употребуваат два авиона „Ер Форс 1“, преработени „Боинг 747-200В“, во употреба од 90-тите години. Тие се специјално опремени за претседателските потреби и имаат современи комуникациски системи и противракетна заштита, со можност за полнење гориво во воздух.