Почетна ЕкономијаГерапетритис: Грција останува поддржувач на евроинтеграцијата на Западен Балкан

Герапетритис: Грција останува поддржувач на евроинтеграцијата на Западен Балкан

од nenad
1 минути читај за

Поддршката од Грција за европската перспектива на државите од Западен Балкан, ја реафирмираше министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, по неговото пристигнување на неофицијалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Варшава, пренесе дописникот на МИА од Атина.

Имајќи предвид дека на неформалната средба присуствуваат и министрите за надворешни работи на земјите аспиранти за членство, Герапетритис се осврна и на интеграцијата на регионот во Унијата.

“Грција отсекогаш беше активна сила, забрзувачка сила во интеграцијата на Западен Балкан во европското семејство. Ќе продолжиме да бидеме поддржувачи на овој напор.”

“Важно е да разјасниме дека останува ставот дека за некои од принципите на Европската Унија, на европското семејство, не се преговара, а тоа се посветеноста на меѓународното право, посветеноста на владеењето на правото, почитувањето на принципите на демократијата,” потенцираше Герапетритис.

Понатаму, шефот на грчката дипломатија напомена дека средбата се одвива во исклучително клучен момент за стратешката автономија на Европската Унија, “која треба да ги развие своите одбранбени капацитети, да го зајакне својот меѓународен отпечаток, за да може да има многу силна позиција во светот во тешките времиња”.

Тој додаде дека 80 години по завршувањето на Втората светска војна можеби “се наоѓаме во најлошиот момент во светот” и се осврна на војната во Украина, состојбата во Газа, конфликтот меѓу Индија и Пакистан итн., нагласувајќи дека е суштински важно и во Европската Унија и во светот да останат активни лекциите од Втората светска војна.

На неформалниот состанок во Варшава, покрај министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ, учествуваат и шефовите на дипломатиите на државите кандидати и потенцијални кандидати, вклучувајќи го и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.