Кога размислуваме за нашите драги и блиски луѓе, секако чувствуваме, некаде во нас, дека личноста не е ограничена само на нејзиниот став. Нашите пријатели, семејство или колеги имаат вредности и квалитети кои надминуваат одредено мислење или политички став. Тоа се нивната емотивност, нашето заедничко минато, сличните интереси и многу повеќе. А кога станува збор за семејството – силни врски кои го надминуваат збирот на сите фактори кои ја сочинуваат личноста и искуствата.
ДА СЕ СЛУШНАТ И РАЗБЕРАТ ДРУГИТЕ
Секогаш е корисно да се обидете да разберете зошто некој има одреден став. Неговите искуства, стравови или вредности може да се разликуваат од вашите, но тие се валидни за него. Доколку имаме секојдневна комуникација со такви луѓе, корисно е да знаеме дека не секоја тема и секоја дискусија е достојна за конфликти и штета на односите. Ова особено треба да се избегнува во моменти на високи емоции, а доколку чувствувате дека сте вознемирени, тогаш предложете му да го оставите разговорот за подоцна.
Ментално е корисно да се фокусирате на заедничките вредности, точките за кои се согласувате со саканата личност. На пример, можеби и вие и вашиот соговорник сакате промени и подобар живот за сите, но не се согласувате за методите за да го постигнете тоа. Пренасочувањето на разговорот кон она што ве поврзува, како семејни моменти, заеднички хоби или други теми, е корисно.
Исто така, важно е да бидете подготвени за наметлива комуникација, која вклучува активно слушање и давање дозвола на другата личност да го искаже своето мислење, без прекинување.
Исто така, треба јасно да ги изразите своите ставови, но не на навредлив начин. Користете „јас“ изјави наместо „ти“ во вашиот говор за да ја намалите одбранбеноста. Наместо „Не разбираш ништо за оваа ситуација!“, кажете „Јас ги гледам работите поинаку затоа што…“ Асертивноста вклучува и поставување граници и заштита од конфликти.
Ако сметате дека разговорот ескалира, воспоставете право да се повлечете од разговорот: „Ајде да се согласиме да не се согласуваме и да разговараме за нешто друго“. Колку и да изгледа тешко, прифатете ги разликите во мислењата како сосема природна работа и потсетете се дека не е неопходно сите да се согласуваат за сè за да имате квалитетни односи.
Обидете се да ја доведете комуникацијата до точка кога сите страни се подготвени да кажат: „Иако не се согласуваме, вашето мислење е важно за мене и сакам да ја зачуваме нашата врска“. Одржувајте го внатрешниот мир и работете на емоционалната рамнотежа.
Користете техники, како што се медитација, вежби за дишење или пишување дневник за да ви помогнат полесно да ја процесирате напнатоста. Користете поддршка и разговарајте со луѓе кои ги споделуваат вашите ставови за да избегнете да се чувствувате осамено.
Меѓутоа, ако некоја личност од вашата околина постојано ви го загрозува мирот или употребува навреди во разговорот, размислете привремено да се дистанцирате. Политичките и социјалните тензии често ги ставаат на тест односите. Клучот е емпатијата, поставувањето граници и негувањето меѓусебно почитување. Запомнете дека дури и во поларизирани ситуации, луѓето можат да најдат начин да се поврзат на подлабоко ниво.
ЕЈ, ВИЕ, НЕУТРАЛНИ?!
Луѓето кои не зборуваат за важни општествени прашања, може да предизвикаат фрустрација кај оние кои веруваат дека поддршката е клучна за промените. Сепак, разбирањето на причините за нивното однесување може да помогне да се зачуваат односите и да се избегнат непотребните конфликти.
Постојат неколку причини кои лежат во коренот на неутралноста: една од нив е стравот од конфликт и неговите последици, поради што многумина се повлекуваат, стравот од пресуда, губење работа или други негативни исходи. Некои луѓе, сепак, не се доволно или соодветно информирани и не се чувствуваат доволно компетентни да заземат став.
Други можеби имаат поинаква визија за промени или едноставно не веруваат во ефективноста на протестите. Луѓето исто така може да бидат преоптоварени од сопствените проблеми и можеби немаат капацитет активно да се вклучат.
БЛОКИРАЊЕ НА РАЗГОВОРОТ
Одлуката да не се разговара за причините за раздорот или за осетливите теми може да биде корисна во одредени ситуации, но не е универзално решение за секого. Еве како функционира таквата практика, кога е изводлива и кои се нејзините потенцијални предизвици:
- Ако крајната цел е да се одржи мирот во семејството, пријателството или професионалната средина, избегнувањето конфронтација може да биде мудра одлука.
- Ако врската е функционална без овие разговори, бидејќи другите заеднички теми и активности не се поврзани со контроверзните, избегнувањето може да помогне да се одржи хармонијата.
- Ако ставовите се непомирливи и двете страни се цврсти во своите мислења, а разговорите немаат потенцијал за промена, избегнувањето може да спречи конфликти.
Поврзани објави
Оваа практика го намалува конфликтот и помага да се избегне ескалација, особено во односите кои се неизбежни и трајни. Исто така, заштедува енергија, емоции и време (на пример, семејните ручеци можат да останат пријатни ако се избегнуваат теми како политика или религија). Бидете доследни – ако одлучите да не зборувате на темата, држете се до таа одлука и ненаметливо сменете ја темата кога ќе се појави.
Меѓутоа, ако ова го практикувате постојано, а клучните теми никогаш не се обработуваат, врската може да стане плитка или неприродна. Неизговорената напнатост може да предизвика потиснување на несогласувањата и да доведе до „придушени“ конфликти или емоционално дистанцирање. Впечатокот дека „чекорите по јајца“ и се приспособувате може да биде исцрпувачки и може да создаде чувство дека го губите своето „јас“, својата автентичност. Избегнувањето на контроверзната тема исто така не е изводливо ако е тесно поврзано со вашиот личен идентитет.
Ова е проблем и ако контроверзната тема влијае на многу важни аспекти на заедничкото функционирање, како што се домашниот буџет и односот со децата. Ако другата страна инсистира да разговара и често ја изнесува темата што се обидувате да ја избегнете, тоа може да доведе до чувство дека сте игнорирани или погрешно разбрани.
Кога ви е исклучително важно…
1 Обидете се да ја разберете перспективата на саканата личност. На пример, покажете разбирање за нејзините стравови и чувства за нејзината позиција на работа: „Разбирам дека твојата нова позиција е важна за тебе и дека сакаш да ја задржиш, но би сакала да можеме отворено да разговараме за твоите ставови, бидејќи тоа многу ми значи“.
2 Избегнувајте обвинувања. Наместо да се соочите со саканата личност заради нејзиното однесување со директни обвинувања, користете јазик што се однесува на вашите емоции и перцепции, бидејќи обвинувањата може да предизвикаат одбранбеност и да го направат искрениот разговор уште потежок. На пример: „Чувствувам дека оваа ситуација те става во тешка позиција. Би сакала да го слушнам твоето мислење.
3 Отворено поставете граници за искреност. Објаснете како се чувствувате за неискрениот тон на разговорот. Можете да го направите ова суптилно, нагласувајќи ја важноста на искреноста во вашата врска. Обидете се да истражите што навистина чувствува другата страна. „Дали ти тежи целата ситуација?“
4 Прашајте и за чувствата, не само за ставовите на саканата личност.
5 Покажете емпатија кон стравот. Ова отвора можност за поискрен разговор.
6 Понудете заеднички јазик. Ако лицето се држи цврсто за својата позиција, обидете се да најдете области на согласување за да го олесните разговорот.
7 Прифатете дека другата личност можеби нема да го промени своето мислење. Важно е да бидете подготвени за можноста таа да не ја заземе позицијата што ја очекувате, бидејќи приоритетите и вредностите може да бидат различни.
Прифаќањето на таа разлика е клучно за зачувување на врската: „Дури и ако не се согласуваме околу ова, твоето мислење ми е важно затоа што се грижам за нашата врска“.
КРИЗЕН ПИАР
Ако е неопходно да се разговара за контроверзна тема, искористете ја ситуацијата за да научите конструктивен стил на разговор. Тоа вклучува:
Договарање на правилата: зборувајте со почит и слушајте без да прекинувате.
Временско ограничување: поставете ограничување на времетраењето на разговорот за да избегнете исцрпеност.
Прифаќање на несогласувањето: Разберете дека несогласувањето не мора да значи раскинување на врската.
Подготвила: Лидија Ќулибрк
Фото: Pexels