Кинеската влада денес изрази став дека одлуката на САД да ги исклучи паметните телефони, компјутерите и другите електронски уреди од дополнителни давачки е „мал чекор за корекција на лошите американски практики“.
„Одлуката е мал чекор за САД да ја поправат својата лоша практика во врска со еднострано донесените реципрочни царини“, изјави претставник од кинеското Министерство за трговија во објава.
САД, кои се наоѓаат во трговска војна со Кина, одлучија да ги ослободат паметните телефони и компјутерите од најновите царински мерки што ги наложи претседателот Доналд Трамп, објави вчера американската царинска служба.
Овие посочени исклучоци се однесуваат на електронски производи внесени во САД од Кина, на кои Трамп воведе давачки од 145 проценти. Полупроводниците се изземени од данокот од 10 отсто кој се применува на повеќето американски трговски партнери.
Овие одлуки претставуваат олеснување за американските потрошувачи, кои беа изложени на опасност да се соочат со пораст на цените на овие барани производи.
Трговската војна која ја предизвика Трамп се претвори во двобој, откако тој најави дополнителни давачки од 125 отсто за Кина во средата, во исто време кога ги одложи давачките за 90 дена за околу 60 други трговски партнери.
Републиканскиот милијардер претходно воведе давачки од 20 отсто на Пекинг со цел, како што наведува, да го казни поради неговите лаборатории кои произведуваат фентанил, опиоидот одговорен за сериозната здравствена криза во САД.
Како одговор на тоа, Пекинг во петокот објави дека ќе ги зголеми давачките за сите американски производи кои влегуваат на нејзина територија на 125 отсто. Оваа мерка стапи на сила вчера.
И покрај тензиите меѓу двете водечки економски сили во светот, Трамп во петокот изрази оптимизам за постигнување договор со Пекинг. сд/