Invest Macedonia учествуваше на Match-Maker Albania 2025, значаен бизнис-настан што се одржа во Тирана, Албанија. Овој настан има за цел да поттикне стратешки партнерства, да создаде нови можности за трговска соработка и да ги зајакне економските односи меѓу компаниите од регионот.
Директорот на Invest Macedonia, Рефик Џемаили и директорката на Агенцијата за инвестиции и развој на Албанија (AIDA), Лаура Плаку (Саро), потпишаа Меморандум за разбирање со кој се предвидува:
– Зајакнување на соработката во областа на привлекување странски инвестиции.
– Олеснување на трговијата и поддршка за компаниите од двете земји.
– Воспоставување механизми за размена на информации и добри деловни практики.
Во рамки на настанот, Invest Macedonia се претстави со:
Информативен штанд – Компаниите од Македонија имаа можност да ги претстават своите производи, услуги и инвестициски потенцијали пред албанските партнери и инвеститори. Ова беше одлична можност за воспоставување директни деловни контакти и презентирање на конкурентните предности на македонската економија.
Панел-дискусии – Државниот советник за инвестиции од Invest Macedonia, Игор Велевски, учествуваше во панел-дискусиите посветени на инвестициите и извозните можности. Тој ја нагласи важноста на регионалната економска интеграција и потенцијалите за заеднички проекти меѓу Македонија и Албанија.
Билатерални средби – Претставниците на Invest Macedonia остварија бројни средби со компании од Албанија, институции и потенцијални инвеститори. Во рамки на овие состаноци беа дискутирани можности за нови партнерства, инвестиции и зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.
Извор : vesnik-ilinden.com