Претседателот на Буркина Фасо, Ибрахим Траоре, одби покачување на својата плата. Тој јавно го објави својот имот, проценет на 128,566 американски долари, и одлучи да ја задржи истата плата што ја земал како војник, пренесува Малави24.
Медиумот наведува дека 37-годишниот Траоре, кој дојде на власт преку државен удар минатата година, веќе презеде значајни мерки во борбата против корупцијата и зајакнување на транспарентноста. Овој чекор претставува остар контраст во однос на неговите претходници и најавува нова ера на лидерство, насочена кон јавниот интерес наместо кон личното богатење.
Тој претходно нареди сите владини функционери да ги достават своите имотни листови до 24 март 2025 година, предупредувајќи на брзи правни постапки против оние кои нема да се придржуваат кон оваа мерка. Овој чекор е дел од пошироката стратегија за искоренување на корупцијата, која вклучува и забрана за државните службеници да склучуваат деловни зделки со државата, со цел да се спречи злоупотребата на функциите за лична корист.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се посочува дека Траоре неодамна објавил зголемување на платите на државните службеници за 50 отсто и намалување на платите на пратениците, министрите и другите политичари за 30 отсто, но истата не е потврдена од официјални извори, ниту ја пренесуваат релевантни медиуми.
И во мај 2024 година слична објава за Траоре стана вирална, меѓутоа, организации за проверка на факти, како PRNigeria и Dubawa, заклучија дека нема докази за такви промени во платите. “…” ссм/фото: ЕПА архива. Извор: МИА.