Почетна ЕкономијаМаск најави завршување на планираното кратење на сојузните трошоци

Маск најави завршување на планираното кратење на сојузните трошоци

од nenad
1 минути читај за

Технолошкиот магнат Илон Маск, кој беше ангажиран од американскиот претседател Доналд Трамп со цел да ја редуцира владината бирократија, изјави синоќа дека најголемиот дел од работата за намалување на федералните трошоци за 1 трилион долари ќе биде комплетиран до крајот на неговиот мандат, односно за 64 дена.

Во изјава за Фокс њуз, Маск рече дека верува оти неговото Одделение за владина ефикасност (ДОГЕ) може да заштеди 1,000 милијарди долари, намалувајќи го моменталното вкупно ниво на федерални трошоци, што изнесува приближно 7,000 милијарди долари, на 6,000 милијарди.

Маск, најимотниот човек во светот, беше именуван од Белата куќа за „специјален вработен во владата“, што го ограничува неговиот мандат на 130 дена, што подразбира дека неговото лидерство во операциите на ДОГЕ би можело да заврши најрано на крајот на мај. “Мислам дека ќе завршиме најголем дел од работата потребна за да го намалиме дефицитот за трилион долари во таа временска рамка.”

“Владата е неефикасна и има многу расипништво и измами, така што ние сме уверени дека може да се направи кратење од 15 проценти без да влијае на ниту една од критичните владини служби”, рече Маск.

ДОГЕ проценува дека веќе им заштедил на американските даночни обврзници 115 милијарди долари со намалувањата што ги направи од 24 март, преку мерки кои вклучуваат намалување на работната сила, продажба на имот и откажување на владини договори.

Сепак, според светските агенции, вкупните заштеди објавени на веб-страницата на ДОГЕ не се проверливи и неговите пресметки се полни со грешки и корекции.

Експертите за буџет, сепак, тврдат дека Маск не може да ја оствари својата цел за намалување на трошоците без да навлегува во програмите за права, како што е социјалното осигурување, за кои Трамп вети дека нема да ги намалува.

јт/Фото: Маск на Х, скриншот .